Сајберзаканите во Европа растат побрзо отколку во кој било друг дел од светот, покажува нова анализа на компанијата за сајбербезбедност „Пруфпоинт“. Организациите на Стариот Континент се соочуваат со сè поголем број напади преку електронска пошта, зголемен интерес од државно поддржани и финансиски мотивирани хакерски групи, како и ширење малициозен софтвер, без оглед на индустријата или големината на организацијата.
Во својот извештај „Пруфпоинт“ најпрво го издвојува електронското сандаче како една од главните цели. Податоците од нивните системи за следење покажуваат дека годинава биле откриени 4,5 пати повеќе фишинг-пораки во споредба со 2025 година. За остатокот од светот растот бил значително помал – 1,5 пати.
Бројот на детектирани закани на милион пристигнати пораки низ Европа се зголемил 3,2 пати.
Особено загрижувачки се нападите со компромитирање на деловната електронска пошта, познати како БЕК (BEC). При ваквите напади, хакерите добиваат пристап до нечија службена електронска пошта, го преземаат неговиот идентитет и им испраќаат пораки на колегите, партнерите или клиентите, претставувајќи се како легитимни испраќачи.
Барањето најчесто е да се префрлат пари на сметка контролирана од напаѓачите или да се одобри пристап до вреден деловен софтвер и податоци.
Кај овој тип измами, „Пруфпоинт“ открил дека европските компании од електронската индустрија добиваат 3,4 пати повеќе вакви пораки од европскиот просек. Најчест образец е измама со фактури во синџирот на снабдување.
Туризмот и здравството се меѓу најчестите цели
Заканите значително се разликуваат во зависност од индустријата. Угостителството и секторот за одмор и забава се особено изложени на напади со малициозен софтвер. На нив отпаѓаат 21 отсто од сите детекции во овој сектор, наспроти 11 отсто на глобално ниво.
Зголемен е и бројот на напади во кои жртвите добиваат порака или повик со кој се наведуваат да се јават на телефонски број контролиран од напаѓачите. Овој вид измама, познат како фишинг со повратен повик, пораснал за 262 отсто во споредба со претходната година.
Здравствените организации исто така се меѓу главните цели. Телефонските напади насочени кон компаниите во оваа индустрија се зголемиле за 257 отсто во споредба со 2025 година, додека нападите со малициозен софтвер пораснале за 84 отсто. Истовремено, вкупниот број напади со малициозен софтвер низ Европа бележи пад.
Зошто Европа е толку привлечна за хакерите?
Едно од објаснувањата што ги нуди „Пруфпоинт“ е однесувањето на корисниците. Според анализата, европските корисници почесто реагираат на сомнителни пораки и отвораат линкови што содржат закани. На секои 100 испорачани електронски пораки со заканувачка содржина биле забележани 8,3 клика во Европа, во споредба со само два на глобално ниво.
Меѓу главните актери и понатаму се познатите руски и кинески хакерски групи, кои во текот на годината ги усовршувале своите техники за добивање и задржување пристап до европските организации. Истражувачите ги издвојуваат групите ТА395 и ТА488. Втората е позната по напади врз „Аутлук“, „Зимбра“ и други даватели на услуги за веб-пошта.
Во анализата се споменуваат и Индија и Пакистан, чии хакерски активности историски биле повеќе насочени едни против други. Но, во текот на годинава, според извештајот, нивниот интерес се проширил и кон Западна Европа.
Вештачката интелигенција отвора нови безбедносни ризици
Вештачката интелигенција дополнително ја усложнува ситуацијата. Истражувачите забележале повеќе од 188.000 апликации што користат вештачка интелигенција и се поврзани преку рамки за автентикација и протоколот ОАут (OAuth). Напаѓачите сега ги таргетираат и самите механизми што овозможуваат поврзување на овие апликации – доделените права за пристап, токените и апликациите со погрешно конфигурирани привилегии.
Речиси сите, односно 99 отсто од анализираните европски организации, биле изложени на напади насочени кон компјутерските системи во облак. Особено ефикасни биле прецизно насочените напади, како фишингот и преземањето активни кориснички сесии. Тие погодиле 64 отсто од таргетираните организации во Европа.
На мета се и технологиите за вештачка интелигенција со отворен код, како „Лангфлоу“ и „ЛајтЛЛМ“.
„Уделот на европските сензори погодени од напади врз овие основни компоненти на вештачката интелигенција порасна 4,6 пати во споредба со два последователни периоди од по 90 дена. Тоа покажува дека самата инфраструктура на вештачката интелигенција станува сè попривлечна цел“, предупредуваат од „Пруфпоинт“.
Упадот во системот е само почеток
Според анализата, пробивањето на системот често е само првиот чекор. Во Европа, кај речиси три четвртини од жртвите – 72 отсто – напаѓачите продолжиле интензивно да работат на задржување на пристапот, манипулирање со механизмите за автентикација, пристапување до датотеки или злоупотреба на компромитирани кориснички сметки за електронска пошта.
Овие податоци укажуваат дека сајбернападите не завршуваат со првичното пробивање на безбедноста. Напротив, напаѓачите се обидуваат да останат во системот што е можно подолго, да ги прошират своите привилегии и да дојдат до податоци или ресурси што можат да ги злоупотребат.
