Маск се дистанцира од МАГА по изборниот пораз на Републиканците

Милијардерот призна дека се чувствува глупаво за потрошените стотици милиони долари на среднорочните избори во САД и сега се опишува како идеолошки умерен.

Илон Маск изјави во средата на самитот „Дилбук“ на весникот „Њујорк тајмс“ дека не е дел од движењето МАГА и дека се чувствува „прилично глупаво“ поради стотиците милиони долари што ги потроши за поддршка на републиканските кандидати на среднорочните избори во САД во 2026 година. По убедливиот изборен пораз на републиканците, најбогатиот човек на светот го смени политичкиот тон и ги оцени сопствените ставови како умерени.

Маск уплати огромни суми во политички акциони комитети (супер ПАК) за поддршка на републиканските кандидати за Претставничкиот дом и за Сенатот. Најголемата поединечна инвестиција ја насочи во сојузната држава Тексас, каде што над 150 милиони долари од неговото богатство беа префрлени на група која го поддржуваше републиканскиот кандидат за сенатор Кен Пакстон.

Ваквите влогови не донесоа победа. Демократите освоија убедливи мнозинства во двата дома на американскиот Конгрес, а Пакстон загуби од демократскиот кандидат Џејмс Таларико, кој поддршката од Маск за неговиот противкандидат ја искористи како главен аргумент пред гласачите. Демократите ја освоија и гувернерската функција во Тексас, сојузна држава во која се сместени голем дел од операциите на компаниите „Спејсекс“ и „Тесла“.

Во разговорот со новинарот Ендрју Рос Соркин, Маск објасни дека неговата цел на изборите била да им помогне на републиканците да го задржат мнозинството во Сенатот за да спречи една партија да ги контролира Белата куќа и двата дома на Конгресот во 2029 година. Тој призна дека таа цел не успеала.

„Очигледно републиканците доживеаја тежок пораз на овие избори и се чувствувам прилично глупаво што потрошив толку многу пари, а не видов многу за возврат. Можеби ќе беше уште полошо без тоа“, рече Маск, додавајќи дека доколку може да го врати времето, би потрошил помалку пари.

Подоцна во интервјуто тој истакна дека сакал да зачува одреден систем на контрола и рамнотежа, нарекувајќи се себеси „идеолошки прилично умерен“. На забелешката од Соркин за неговите контроверзни изјави околу имиграцијата и движењето МАГА, Маск одговори дека не знае точно што значи тој термин, но доколку подразбира слепо следење на политиките на Републиканската партија, тој сигурно не е дел од тоа, бидејќи гледа позитивни и негативни страни кај двете партии.

Ваквиот настап претставува пресврт во споредба со минатата година и изборниот циклус во 2024 година, кога Маск носеше капи со натпис МАГА и на митинг на Доналд Трамп изјави дека е „темна МАГА“. Во 2024 година тој вложи стотици милиони долари во кампањата на Трамп, а во 2025 година служеше во неговата администрација како предводник на Одделот за владина ефикасност. И покрај краткотрајното разидување минатата година, Маск и американскиот претседател Доналд Трамп одржаа блиски односи, а милијардерот и оваа недела отпатува во Кина во рамки на посетата на Трамп на таа земја.

Сојузништвото со Трамп ги поттикна демократите да најават темелни истраги против администрацијата откако следната година ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом и Сенатот, при што Маск се очекува да биде еден од главните фокуси на надзорните комисии.

Маск изјави дека не е загрижен оти новоизбраната гувернерка на Тексас од редовите на демократите, Џина Хинохоса, би можела да им создаде проблеми на неговите компании. Според она што го слушнал за неа, тој смета дека таа ќе биде прилично умерена гувернерка, а не претставничка на крајната левица.


Коментирајќи ги обвинувањата од некои демократи за наводна незаконска активност околу финансирањето на изборите, Маск оцени дека таквите изјави се претерани и додаде дека во САД сепак треба да се стори вистинско кривично дело пред некој да оди в затвор. Сепак, демократскиот сенатор од Аризона, Рубен Галего, не покажа разбирање за неговата промена на ставот и на социјалната мрежа Икс му порача дека и понатаму ќе добие обврзувачка покана за сведочење пред Конгресот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс