Избрани 3 нови драмски текста за „Драмолетање 2.0“ во Прилеп

Во рамки на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп се избрани три нови драмски текста за пичинг-форумот „Драмолетање 2.0“. Авторите ќе учествуваат на фестивалот во јуни, каде нивните драми ќе бидат дополнително развивани и промовирани.

Во рамки на пичинг-форумот „Драмолетање 2.0“, кој се реализира во програмата на МТФ „Војдан Чернодрински“, жирито ги избра трите драмски текста што ќе бидат дел од 60. јубилејно издание на фестивалот во Прилеп.

Избрани се делата „Сингл“ од Катерина Момева, „Трудници“ од Габриела Стојаноска Станоеска и „Летај Исак, не застанувај“ од Мартин Миљев, селектирани меѓу 13 пристигнати апликации.

Авторите ќе учествуваат на пичинг-форумот што ќе се одржи за време на фестивалот од 5 до 12 јуни 2026 година, каде нивните текстови ќе бидат претставени пред продуценти, режисери и театарски институции.

Жирито, во состав Милош Б. Андоновски, Русе Арсов и Јасмина Василева, оценуваше според критериуми за релевантност, оригиналност и продукциска вредност, при што посочи дека дел од текстовите се соочуваат со недоволна драматуршка разработка и структурни слабости.

Според нивната анализа, најчести проблеми се сценаријален пристап наместо драмски, недоволно развиени дијалози, стереотипни ликови и отсуство на јасен конфликт, како и предизвици со сценска изводливост кај подолгите и пократките форми.

И покрај тоа, жирито издвои дека избраните три текста покажуваат потенцијал за развој, со поизразена драмска структура, современ јазик и релевантни општествени теми, особено во случајот со „Сингл“, кој се оценува како најзаокружен во однос на сценска изведливост.

Организаторите нагласуваат дека „Драмолетање 2.0“ има цел да ја поттикне новата македонска драматургија преку менторство, пичинг и поврзување со театарската продукција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс