Европа станува поскапа со новите туристички такси

Од Барселона и Амстердам до Букурешт и Единбург – туристите во 2026 година плаќаат нови или повисоки давачки за престој, а во дел од европските градови сметката расте за неколку евра секоја ноќ.

Патувањето низ Европа во 2026 година носи нов трошок кој туристите често го забележуваат дури при пријавувањето во хотелот – туристичката или таканаречената хотелска такса.

Низа европски градови годинава ги зголемија постојните давачки, додека други воведоа нови такси. Причините најчесто се поврзуваат со трошоците што масовниот туризам ги создава за градовите, инфраструктурата, чистењето и заштитата на туристичките места.

Барселона годинава значително ја зголеми туристичката такса. Во зависност од видот и категоријата на сместувањето, туристите плаќаат дополнителен износ од 10 до 15 евра по ноќ, а за туристичките апартмани сумата достигнува околу 12,50 евра.

Во цената влегуваат и градскиот додаток и регионалната туристичка такса. Според властите, дел од приходите треба да помогне во справувањето со притисокот врз градската инфраструктура и станбеното прашање.

Од почетокот на 2026 година и Букурешт има нова туристичка давачка. Секој турист кој престојува во платено сместување плаќа 10 романски леи, односно околу 2 евра по ноќ, без оглед на цената или категоријата на сместувањето. Таксата ја наплаќаат хотелите и другите даватели на туристичко сместување, вклучително и платформите за резервации.

Од јули 2026 година Единбург воведе туристичка такса од 5 отсто од цената на ноќевањето.

Таксата важи за хотели, апартмани, хостели, гостински куќи и краткорочни изнајмувања, вклучително и Airbnb. Се наплаќа за ограничен број ноќевања во рамките на еден престој.

Во Милано, туристичката такса во 2026 година е повисока и варира според категоријата на хотелот.

За хотелите од една ѕвезда изнесува 3 евра по лице и ноќ, за две ѕвезди 4 евра, за три ѕвезди 7 евра, за четири ѕвезди 10 евра, а за хотелите со пет ѕвезди 12 евра по лице и ноќ.

За останатите видови туристичко сместување таксата достигнува 9,50 евра.

Во Брисел, туристичката такса од јануари 2026 година е зголемена за едно евро.

Гостите во хотелите плаќаат 5 евра по ноќ, додека за сместување кај приватни издавачи и кампови таксата е 4 евра.

Во Амстердам, туристичката такса се пресметува како процент од цената на сместувањето, а не како фиксен износ.

Во 2026 година таа изнесува 12,5 отсто од цената на ноќевањето, што значи дека туристите во поскапи хотели плаќаат и значително повисока такса. Градот веќе најавува дополнителни зголемувања во следните години.

Од 2026 година Норвешка им овозможи на општините во особено оптоварените туристички подрачја да воведат туристичка такса од 3 отсто на ноќевањата.

Мерката не се применува автоматски низ целата земја – секоја општина одлучува дали ќе ја воведе.

Новите мерки покажуваат дека европските туристички центри сè почесто бараат начин дел од трошоците од масовниот туризам да ги покријат директно преку посетителите.

Моделите се различни – од фиксни неколку евра по ноќ, преку процент од цената на собата, до посебни давачки за дневни посетители и заштитени природни подрачја.

За туристите, тоа значи дека при планирање на буџетот за патување повеќе не е доволно да се гледа само цената на хотелот. Дополнителните туристички давачки можат да додадат значителна сума на крајната сметка, особено кај подолгите престои и во најскапите европски дестинации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс