Новите правила предвидуваат казни до 500 сингапурски долари, додека за посериозни прекршоци максималната казна може да достигне дури 5.000 сингапурски долари, односно околу 3.900 американски долари.
Сингапур воведе нови правила за однесување во јавните автобуси, со кои се санкционираат патниците чие однесување ги вознемирува другите.
Од 23 септември, гласно пуштање музика или други содржини од мобилен телефон, таблет или друг уред може да резултира со казна до 500 сингапурски долари, што е околу 390 американски долари.
Истата максимална казна важи и за патници кои ги ставаат нозете на седиштата, фрлаат отпад или јадат и пијат во автобус.
Целта на новите правила е да се намали однесувањето што ги вознемирува останатите патници и правилата за автобускиот превоз да се усогласат со оние што веќе важат во железничкиот систем, пренесува CNN.
Највисоката казна не се однесува на секојдневните прекршоци како гласна музика или јадење.
До 5.000 сингапурски долари може да достигне казната за посериозни прекршоци, како загрозување на други патници, попречување на нивното движење на автобуски постојки и терминали или валкање на автобусите и инфраструктурата на јавниот превоз.
Правилата важат и на автобуски станици и терминали.
Овластените вработени во јавниот превоз, меѓу кои контролорите на билети и персоналот на терминалите, можат да пријават сомнение дека е направен прекршок. Случајот потоа го разгледува надлежната Управа за копнен транспорт.
Интересно е што возачите на автобусите нема да имаат овластување сами да издаваат казни.
Нивна основна задача останува безбедното управување со возилото, но можат да го предупредат патникот да престане со однесувањето што ги вознемирува другите.
Ако патникот одбие да го послуша предупредувањето, може да биде замолен да го напушти автобусот. Во посериозни ситуации може да биде повикана и полицијата.
Властите велат дека при примената на правилата ќе се земаат предвид околностите на секој случај, вклучително и ситуации во кои однесувањето на патникот може да биде поврзано со здравствена состојба.
Сингапур со години ги заострува правилата
Новите правила не се воведени преку ноќ. Уште кон крајот на 2024 година во сингапурскиот јавен превоз биле поставени известувања со кои патниците се повикувале да бидат пообѕирни кон другите – да ја намалат бучавата, да користат само едно седиште и да не седат на подот.
Потоа властите најавиле засилени контроли, а со законски измени бил создаден услов правилата што веќе важат во железничкиот сообраќај да се применуваат и во автобусите.
Така, нешто што во многу земји е само непријатна сцена во јавниот превоз – патник без слушалки кој гласно гледа видео или слуша музика – во Сингапур сега може да стане прекршок што ќе ве чини стотици долари.