Тимовите на американската вселенска агенција НАСА, кои управуваат со роверот „Персеверанс“ и орбитерот „Марс Одисеј“, истражуваат одделни технички проблеми што привремено ги запреа научните активности на двете мисии. Проблемите со комуникациската опрема на роверот и дефектот на замаецот на орбитерот го принудија тимот да ги прекине истражувањата додека инженерите се обидуваат да ги утврдат причините и да ги стабилизираат системите.
„Персеверанс“ остана без сигурен радиосистем
Од претпазливост, научните активности на роверот „Персеверанс“ на површината на Марс се прекинати додека инженерите на Земјата ги решаваат проблемите со двата УХФ-радиоуреди. Тие се користат за испраќање големи количини податоци до орбитерите, кои потоа ги пренесуваат до Земјата.
Роверот е стабилен и сè уште одржува врска со контролата на мисијата. Во НАСА се надеваат дека научната работа ќе може да продолжи до крајот на ноември. Проблемите започнале на 30 октомври, кога главниот радиоуред за испраќање податоци, по вклучувањето, не ги испратил вообичаените електронски сигнали, познати како „отчукувања на срцето“, до главниот компјутер на роверот. Системот за заштита од дефекти реагирал правилно – го исклучил уредот, го активирал резервниот радиоуред и го префрлил роверот во безбеден режим, при што се исклучуваат сите системи што не се неопходни за неговото функционирање.
По враќањето на роверот од безбедниот режим, инженерите откриле дека и резервниот УХФ-уред емитува сигнал со само половина од очекуваната моќност. Поради тоа, тимот престанал да ги користи двата радиоуреди додека не се утврдат причините за дефектите и не се обезбеди безбедно функционирање на барем еден од нив.
Комуникацијата со Земјата е ограничена
За да ја одржи врската со Земјата, „Персеверанс“ во моментов комуницира директно преку мрежата на НАСА за длабоката вселена (Deep Space Network). Но, оваа директна врска има значително помала брзина на пренос на податоци. Затоа, научните инструменти и камерите привремено се ставени во мирување, со цел ограничениот капацитет за комуникација да се искористи за испраќање дијагностички податоци. Инженерите се фокусирани на откривање на причините за проблемите и на враќање на роверот во нормален режим на работа.
