Уривале домови и цркви за најтешката зграда во светот

Некои згради ги воодушевуваат луѓето со своите димензии, монументалност, убавина или историја.

Највисоката зграда во светот, Бурџ Калифа, со антената достигнува 829 метри, во Јемен и денес стојат првите облакодери во светот, изградени во 16 век, а најстарата парламентарна зграда во која и денес заседаваат пратеници е изградена во 13 век и се наоѓа во Хаг. Но, една зграда држи прилично необичен рекорд. Станува збор за Парламентот во Букурешт, кој Гинисовата книга на рекорди го смета за најтешката зграда во светот.

Зградата на парламентот во Букурешт нема футуристички куполи што се издигнуваат кон облаците, ниту стотици катови. Нејзината масивност се крие во нешто друго – во големината, начинот на кој е изградена и приказната за тоа што сè морало да исчезне за таа да биде подигната.

Нејзината изградба ја наредил Николае Чаушеску, кој сакал нов политички и административен центар што ќе ја демонстрира моќта на неговиот режим. Тој не дочекал да ја види завршена.

Бројките поврзани со изградбата звучат речиси неверојатно. Според официјалната веб-страница на романскиот парламент, биле употребени околу еден милион кубни метри мермер, 700.000 тони челик, 3.500 тони кристал, 900.000 кубни метри дрво, 2.800 лустери и 220.000 квадратни метри теписи.

Работниците работеле во три смени

Материјалите речиси целосно биле произведени во Романија. Во проектот учествувале повеќе од 100.000 луѓе, а во екот на изградбата речиси 20.000 работници работеле во три смени, 24 часа дневно.

Зградата има 365.000 квадратни метри површина, долга е 270, широка 245, а висока 84 метри.

Во периодот од 1984 до 1990 година, на градилиштето работеле и околу 12.000 војници. Главна архитектка била Анка Петреску, која имала само 28 години кога го презела проектот.

Огромна цена за една визија

Чаушеску сакал со масивниот парламент да му ја покаже на светот моќта на својот режим. На неговите урбанистички идеи влијаеле монументалните сцени што ги видел во Северна Кореја, како и односот со тогашниот севернокорејски лидер Ким Ил Сунг.

По разорниот земјотрес што го погодил Букурешт во 1977 година, Чаушеску добил можност целосно да преобликува голем дел од престолнината.

Цената на таа визија била огромна. Историски квартови речиси исчезнале. Бројките се разликуваат зависно од изворите, но се зборува за илјадници раселени жители и урнати куќи. Исчезнале и цркви, манастири, болница и други историски објекти.

Чаушеску не дочекал да го види завршувањето на грандиозниот проект. Кога неговиот режим паднал во 1989 година, зградата, според официјалните податоци, била завршена само околу 60 проценти. Работите продолжиле и по револуцијата, иако проектот претставувал огромен финансиски товар за државниот буџет.

Огромната тежина се чувствува и под земјата

Дел од планираните работи никогаш не биле завршени, а голем дел од зградата и денес не се користи. Во неа се одржуваат седниците на двата дома на романскиот парламент, сместени се и други државни институции и конференциски простории, а дел од палатата е отворен и за посетители.

Но, неверојатната маса на зградата остава трага и на земјата под неа.

Сателитските мерења на Европската вселенска агенција од периодот од 2011 до 2014 година покажале дека на одредени места околу Палатата на парламентот се забележува слегнување на тлото. Романски експерти процениле дека огромната зграда се слегнува за околу шест милиметри годишно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс