Она што овој случај го издвоило од вообичаените банкарски грабежи не бил начинот на кој биле изведени, туку неверојатното верување на двајцата разбојници дека пронашле начин да станат „невидливи“ за надзорните камери.
Вилер и Џонсон ограбиле филијали на Mellon Bank во Swissvale, како и Parkvale и Fidelity Bank во Brighton Heights. Во банките влегувале вооружени со пиштоли и со целосно откриени лица.
Наместо да се обидат да ги исклучат камерите или да ги сокријат лицата, тие на кожата нанеле сок од лимон, убедени дека така нема да се појават на снимките.
Според сведочењето на Вилер, Џонсон му објаснил дека сокот од лимон е една од состојките на таканареченото „невидливо мастило“. Од тоа двајцата заклучиле дека ако го нанесат сокот на лицето, нивните лица ќе станат невидливи за камерите.
Но, не сакале да се потпрат само на теоријата. Решиле да направат експеримент.
Го премачкале лицето на Вилер со лимонов сок, по што тој се фотографирал со Polaroid камера. Кога фотографијата била развиена неколку минути подоцна, на неа навистина не се гледало неговото лице.
„Но, ставив лимонов сок!“
Двајцата биле убедени дека нивниот план функционира. Подоцна полицијата претпоставила дека Вилер едноставно не ја насочил камерата кон лицето или дека филмот бил неисправен.
По грабежите, полицијата брзо ги идентификувала и уапсила двајцата.
При испрашувањето, кога Вилер ги видел снимките од камерите во банките, во неверување рекол:
„Но, ставив лимонов сок. Ставив лимонов сок!“
Џонсон бил осуден на пет години затвор, откако сведочел против својот соучесник. Вилер, пак, добил 24 години затвор.