Од 2027 година германската влада планира да ја преполови квотата за работници од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Станува збор за таканаречената Регулатива за Западен Балкан, преку која годишно во Германија можат да дојдат до 50.000 работници од регионот.
Но, планот веќе наидува на критики од германските работодавачи и од Сојузната агенција за вработување.
Германскиот весник „Цајт“ пишува дека работниците од Западен Балкан ретко се во центарот на германските дебати за миграцијата, иако нивното доаѓање во голема мера се одвива преку регулиран систем и директно одговара на потребите на пазарот на трудот.
За работниците од шесте земји не се бара доказ за познавање на германскиот јазик или формални стручни квалификации како услов за користење на оваа регулатива. Клучен услов е да имаат обезбедено работно место и да добијат место во годишната квота.
Регулативата беше воведена во 2016 година, кога Германија се обидуваше да го намали бројот на неуспешни барања за азил од земјите на Западен Балкан, а истовремено да привлече работници во секторите каде што недостига кадар.
Во 2024 година квотата беше зголемена на 50.000 лица. Сега германската влада планира повторно да ја намали.
Германското здружение на работодавачи предупредува дека ограничувањето би можело да го отежне пополнувањето на работните места, особено во градежништвото, логистиката и угостителството – сектори во кои работниците од Западен Балкан се меѓу значајниот извор на работна сила.
Особено се посочува градежниот сектор, каде Германија планира големи инвестиции преку специјални државни фондови. Работодавачите предупредуваат дека дополнителните инвестиции ќе создадат и поголема потреба од работници.
И Сојузната агенција за вработување предупредува дека намалувањето на квотата би им го отежнало на германските компании пристапот до работна сила.
Ванеса Ахја, членка на Управниот одбор на Агенцијата задолжена за меѓународни прашања, оценува дека досегашниот модел овозможил висок степен на интеграција на работниците на германскиот пазар на труд.
Некои германски политичари затоа бараат регулативата да остане во сегашната форма. Пратеничката од ЦДУ, Сандра Карстенсен, за „Цајт“ вели дека, со оглед на недостигот од работна сила, правилото наместо да се ограничува треба да се проширува.