Вишиот суд во Белград денеска ја заврши постапката против девет студенти обвинети за подготвување дела против уставното уредување и безбедноста на Србија. Обвинението е одбиено откако обвинителството се откажа од гонењето поради недостиг од доволно докази.
Обвиненијата против студентите паднаа
Клучниот пресврт настапил со одлуката на Апелацискиот суд во Белград, кој го потврдил решението на Вишиот суд за издвојување незаконски прибавени докази. Станува збор за материјали собрани со прислушување еден студент од страна на Безбедносно-информативната агенција, БИА.
Снимките претставувале значаен дел од доказниот материјал врз кој се темелело обвинението. По нивното исклучување и разгледувањето на преостанатите докази, обвинителството оценило дека нема доволно основа за натамошно застапување на обвинението. За откажувањето јавно соопштило на 9 ноември.
На денешното рочиште обвинителот не присуствувал. Судијата Милош Лабудовиќ соопштил дека обвинението се одбива, а присутните во судницата ја поздравиле одлуката со аплауз.
Одбраната бара одговорност
Адвокатот Александар Радоичиќ оцени дека судските органи покажале интегритет. Според него, постапката била насочена кон заплашување на обвинетите и на студентското движење. Истовремено, изрази незадоволство што предметот завршил без во судницата целосно да се расветлат околностите.
Студентите им се заблагодарија на граѓаните и на адвокатите за поддршката, но порачаа дека очекуваат и одговорност за постапувањето на институциите.
Предметот беше поврзан со Видовденскиот протест од 28 јуни 2025 година во Белград. Деветтемина беа обвинети за подготвување дела против уставното уредување, во врска со повикување на негова насилна промена, а во текот на постапката им беше овозможено да се бранат од слобода.
