Блокада пред Влада: Животите на жените не се за во провалија!

Иницијативата „Ниту една повеќе“ ја блокираше улицата пред Владата повикувајќи ги инситутциите навремено да реагираат.
ФОТО: Јордан Серафимов - Јоцка

Со едноминутно молчење и обраќање на Бети Ангеловска, мајката на 21-годишната битолчанка која беше претепана од своето момче, започна блокадата пред Владата. Стотици граѓани пред Владата со свирчиња, тапани и извици го искажаа револтот и незадоволството по последниот случај на насилство во Охрид.

Неформалната граѓанска иницијатива „Ниту една повеќе“ постави и транспарент пред Владата на кој граѓани и активисти испишаа пораки со поддршка на жените жртви на насилство, но и повик до институциите навремено да реагираат. Од организацијата на блокадата порачаа дека овие пораки ќе ги остават пред Владата за да можат сите да ги видат.

ФОТО: Јордан Серафимов – Јоцка

Дополнително, граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“ испорача шест конкретни барања со рокови до Собранието и Владата по растот од 70 отсто на пријавите за семејно насилство:


  1. Законски измени до 10 декември: Итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени во Собранието на 26 август.
  2. Пакет од осум закони: Финализирање на измените на осум закони, меѓу кои Законот за полиција и Законот за семејство, подготвувани од работната група формирана во април 2026 година.
  3. Најмалку 200 милиони денари во Буџетот за 2027: Обезбедување наменски пари за специјализирани сервиси за поддршка на жртвите и превентивни програми за сторителите.
  4. Собраниски надзор со рокови: Усвојување и јавно објавување на заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базираното насилство со јасни механизми за следење.
  5. Враќање на сексуалното образование: Повлекување на измените во законите за основно образование и учебници од април 2025 година, како и упатството за заштита од насилство од јули 2025 година.
  6. Одговорност за секој фемицид: Независни проверки на постапувањето на полицијата, обвинителството и социјалните служби за сите случаи на фемицид, вклучително и последниот случај со 17-годишната девојка од Богданци.
ФОТО: Јордан Серафимов – Јоцка

Организаторите порачаа дека протестите и блокадите ќе продолжат сѐ додека институциите не обезбедат целосни и правични судски постапки. Тие ги повикаа граѓаните на следниот протест во среда на 25 ноември во 17 часот во паркот „Жена борец“.

ФОТО: Јордан Серафимов – Јоцка

е-Трн да боцка во твојот инбокс