Словенија ја укинува деветолетката

Словенија најави голема реформа на образовниот систем – деветгодишното основно училиште ќе биде заменето со современа осумгодишна школа, а промените се планира да започнат од учебната 2028/2029 година.
Фото: Xendzi, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Словенија се подготвува за една од најголемите промени во основното образование во последните две децении. Министерот за образование, наука и млади Борут Рончеvić најави укинување на сегашниот модел на деветгодишно основно образование и воведување „современа осумлетка“.

Планот беше објавен при претставувањето на резултатите од истражувањето PISA 2025, кое покажа пад на резултатите на словенечките 15-годишници во читање, математика и природни науки. Министерот оцени дека резултатите се сериозно предупредување и најави целосна реформа на образовниот систем.

Што точно ќе се промени?

Иако се зборува за „укинување на деветолетката“, според најавениот модел децата и понатаму би имале девет години задолжително образование.

Разликата е во тоа што сегашното прво одделение би се претворило во задолжителна предучилишна година, додека основното училиште би траело осум години. Таа година би можела да се реализира во градинка или во просториите на основното училиште, со поголема улога на воспитувачите.

Новата осумгодишна основна школа, според најавите, би требало да започне да се применува во учебната 2028/2029 година.

Покрај промената на траењето на основното училиште, реформата предвидува и нови наставни програми, промени во националното проверување на знаењето и матурата, како и поголем акцент на основните знаења и стандардите за оценување.

Зошто Словенија го менува системот?

Една од причините што ја наведе министерот се резултатите од PISA 2025. Според податоците објавени со истражувањето, словенечките ученици забележале пад во трите тестирани области – читање, математика и природни науки.

Министерството реформата ја претставува како поширока промена на начинот на кој функционира училиштето, а не само како враќање на некогашниот модел.

„Осумлетката“ треба да биде, според најавата, современо и посистематично основно образование, со порано описменување, дополнителна помош за учениците кои заостануваат и поспецифична работа со надарените ученици.

Реформата веќе предизвикува реакции

Најавата не помина без реакции во образовниот сектор. Здружението на директори на словенечките училишта оцени дека промената била изненадување и постави прашања за тоа како практично би се спровела и какви би биле нејзините ефекти.

И Здружението на активи на советите на родители побара пред крупните промени прво да се направи детална анализа на постојниот систем. Оттаму посочуваат дека по повеќе од две децении функционирање на деветолетката сè уште нема целосна евалуација на нејзините резултати, предности и слабости.

Словенечкото Министерство за образование најави дека до крајот на септември ќе биде формиран стратешки совет кој треба да работи на подготовката на реформата. Целта е новиот модел да биде подготвен за примена од учебната 2028/2029 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс