Во пустината пронашле шише со порака стара 50 години

Еден лист хартија, едно име и датум од мај 1977 година биле доволни за да започне неверојатна потрага низ времето – од пустината во Египет до островот Малта.

Длабоко во Западната пустина на Египет, каде што денес ретко се среќаваат траги од човечко присуство, туристичкиот водич Сулејман Зидан открил необичен предмет меѓу старите метални садови на едно карпесто возвишение.

Тоа било стаклено шише, делумно исполнето со песок. Внатре имало рачно напишана порака:

„Мај 1977; Том Моран; Група 6305; Авич, улица Беј; Малта.“

Зидан и неговиот братучед и деловен партнер Ајман решиле да откријат кој стои зад пораката. Фотографијата од ливчето ја испратиле до „Times of Malta“, со надеж дека некој ќе го препознае името.

На прв поглед, трагата изгледала едноставно – име, улица и Малта. Но, немало наведено конкретно место. Сепак, потрагата наскоро дала резултат.

Во копија од државниот весник од 1981 година било пронајдено лице со презиме Моран кое живеело на улицата Беј во Марсаскала, Малта. Објава во една локална група на „Facebook“ ги одвела новинарите до Кармен Роситер – сестрата на Том Моран.

„Помислив дека се шегувате кога ми се јавивте, но веднаш го препознав ракописот на брат ми“, изјавила таа за „Times of Malta“.

Том Моран, сепак, никогаш не дознал дека неговата порака повторно била пронајдена. Починал во 1998 година, на 54-годишна возраст.

Моран бил едно од седумте деца во семејство кое за време на Втората светска војна како бегалци се преселило од Бормла во Биркиркара. Подоцна купил куќа во Марсаскала, а работел и во Египет како геофизичар за американска компанија која истражувала нафтени наоѓалишта.

Според неговата сестра, на 16 години го напуштил училиштето и се приклучил на британската армија, каде што изучил занает кој подоцна го одвел на различни места низ светот – од Саудиска Арабија до Папуа Нова Гвинеја.

A Maltese man left a note in a bottle. 50 years later it was found in the desert https://t.co/uE81S0DPf7— THE TRUTH (@Victory_202) September 23, 2026

Во последните години од животот работел во државниот оддел за истражување на нафта. Сестра му вели дека бил сериозен и прецизен во работата, но истовремено сакал и да се шегува. Често зборувал дека Малта треба да бара нафта на југоистокот.

За Сулејман и Ајман Зидан, пак, откривањето на шишето било необично не само поради неговата приказна, туку и поради местото каде што преживеало речиси половина век.

Сулејман го забележал местото за време на едно од неговите патувања низ пустината. На карпестиот терен пронашол неколку необични предмети – шишето со пораката, стар метален резервоар за вода и исушени палмини гранки.

„Речиси пет децении подоцна, пустината ја сочувала пораката недопрена“, раскажал Ајман.

Двајцата потекнуваат од племето Рашаида и поголемиот дел од животот го минале патувајќи низ Западната пустина. Денес работат на започнување експедициона компанија чија цел е повторно да ги открива старите каравански патишта и заборавените пустински патеки.

Токму за време на едно такво истражување, Сулејман налетал на трага оставена од непознат човек во мај 1977 година.

Пораката била мала, но по речиси 50 години успеала да го помине патот од египетската пустина до семејството на човекот кој ја напишал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс