Што кажа Томас Вајц за Македонија?

Северна Македонија има природно богатство кое сè уште не е доволно препознато надвор од земјата, а неговото подобро промовирање може да донесе и конкретна економска корист за локалните заедници.

Пелистер, Галичица, Маврово и Шара се само дел од местата што европратеникот Томас Вајц ги посочи како доказ дека земјата има голем потенцијал за развој на природниот туризам.

Северна Македонија има природно богатство кое сè уште не е доволно препознато надвор од земјата, а неговото подобро промовирање може да донесе и конкретна економска корист за локалните заедници.

Оваа порака ја упати европратеникот и известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, говорејќи на сесијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ–Северна Македонија посветена на животната средина. Вајц, кој е член на Комитетот за надворешни работи и делегацијата на Европскиот парламент за Северна Македонија, и претходно во своите извештаи се осврнува на еколошките предизвици во земјата.

Но, овојпат во фокусот ја стави природата како економски потенцијал.

Вајц посочи дека бил на Пелистер, Галичица, Маврово и Шара и оцени дека Македонија има предуслови за развој на природниот туризам, особено ако се земе предвид дека има три национални паркови.

Според него, проблемот не е само во тоа што земјата има што да понуди, туку и во тоа колку светот знае за тоа.

„Рекламирајте се, покажете му на светот какви убавини имате“, порача Вајц, посочувајќи ги Црна Гора и Албанија како примери за земји кои во последните години го развиваат природниот туризам.

Природата може да носи и пари

Пораката на европратеникот има и економска димензија.

Развојот на туризмот не значи само повеќе посетители, туку и можности за локалните жители – од сместување и угостителство до планинарски тури, водичи, локални производи и други услуги поврзани со туризмот.

Токму затоа, според Вајц, заштитата на природата и економскиот развој не мора да бидат спротивставени цели.

Тој посочи дека природното богатство треба да се зачува за идните генерации, но истовремено да се искористи како можност за локалниот економски развој.

Климатските промени веќе ја менуваат реалноста

Во својот настап Вајц предупреди и дека климатските промени веќе не се далечен проблем.

Како пример ја посочи Европа, каде годинава беа забележани топлотни бранови, суши и шумски пожари во подрачја каде што ваквите појави претходно не биле вообичаени.

Според него, покрај намалувањето на емисиите, државите мора да се приспособат на условите што веќе се менуваат – од градовите и земјоделството до инфраструктурата и транспортот.

И рударството е дел од равенката

Вајц се осврна и на рударството, посочувајќи дека современите економии имаат потреба од суровини, но дека при нивната експлоатација треба да се внимава што се добива, а што се губи.

Тој оцени дека постојат и современи технологии кои овозможуваат поеколошко рударство, но тие обично се поскапи.

Во истиот контекст ги спомена и проблемите со отпадот, отпадните води и загадувањето на воздухот, теми кои, како што рече, не се проблем само на Северна Македонија, туку и на поширокиот регион.

За Македонија, сепак, неговата порака беше поинаква: природата не е само нешто што треба да се заштити, туку и ресурс што може внимателно и одржливо да се претвори во економска можност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс