Првенството за робот-воини, на кое ќе учествуваат и хуманоидни и четириножни роботи, ќе се одржи во октомври во Пекинг, соопшти Комитетот за управување со зоната за економски и технолошки развој.
Роботите ќе се натпреваруваат во спасувачки операции за време на вонредни ситуации и природни катастрофи, како земјотреси, поплави и пожари, како и во извршување задачи во средини со висок ризик.
Интелигентните машини ќе ги демонстрираат своите способности и во следење и управување со урбана инфраструктура, пренесува „Global Times“.
Целта на настанот е да се забрза развојот и примената на роботиката во реални услови.
Програмата на првенството вклучува 14 вида предизвици со пречки. Според сценаријата, роботите ќе треба да се искачуваат по стрмни падини, да се движат по урнати мостови и низ урнатини.
Досега за учество се пријавиле 24 тимови. Тие ќе се натпреваруваат во шест категории, според начинот на управување – далечински или автономен – и според типот на роботот: хуманоиден, четириножен или роботско возило со тркала.
Хуманоидните роботи на првенството ќе извршуваат задачи како отворање врати, деактивирање експлозивни направи, затворање вентили и гаснење пожари.
Другите машини ќе бидат тестирани во инспекција на тунели, обновување на електричното напојување, реагирање при вонредни ситуации поврзани со вода и транспорт на товар низ пречки.
За подготовка на учесниците, организаторите ја покренале платформата за обука „BotWorld“, која на роботите им нуди 14 симулации на различни ситуации, со задачи поврзани со движење на терен и интерактивни операции.
Тимовите ќе имаат пристап до материјали за обука и можност виртуелно да ги вежбаат потребните вештини.
Домаќин на натпреварот „Robot Warrior Challenge“ ќе биде високотехнолошката компанија Шангјиќенг во Пекинг, а настанот ќе се одржи од 17 до 18 октомври.