Зошто кога сме вљубени се однесуваме како зависници? Науката вели: виновен е допаминот

За мозокот не постои романтика. Вљубеноста не е само чувство, туку силен биолошки нагон.Во физиолошка смисла, таа повеќе наликува на жед отколку на добро расположение.

Вљубеноста отсекогаш била инспирација за песни, романи, филмови и неколку навистина лоши тетоважи. Таа е доказ дека човекот не е само збир од клетки и хормони, туку суштество способно за силни емоции, поезија, пожртвуваност… и понекогаш за прескапи вечери. Но, мозокот има малку поинакво мислење.

Кога ќе се погледне низ објективот на современата невронаука, романтичната приказна добива сосема поинаков заплет. Наместо сонет, научниците гледаат вистински неврохемиски хаос во кој допаминот диригира, серотонинот молчи, а разумот безуспешно се обидува да дојде до збор.

Дали вљубеноста е… болест?

Не, нема дијагноза, нема боледување и никој не предлага да се отвори ургентен центар за романтични интоксикации. Но, ако се спореди однесувањето на силно вљубен човек со она кај зависниците или луѓето со компулсивни нарушувања, сличностите се изненадувачки.

Опсесивно размислување за една личност. Постојана желба за контакт. Еуфорија кога ќе пристигне порака и чувство на апстиненција кога ја нема. Звучи познато?

Купидон не го погодува срцето – туку мозокот

Римскиот Купидон традиционално стрела во срцето. Но, анатомијата вели дека промашил. Ако неговата стрела навистина постои, таа директно погодува делови од мозокот задолжени за награда, мотивација и желба, пред сè вентралната тегментална област и каудатното јадро, каде што главниот збор го има допаминот.

Во едно од најпознатите истражувања, научниците им покажувале фотографии од саканата личност на луѓе кои биле силно вљубени, а потоа и фотографии од емоционално неутрални познаници. Разликата не била само во насмевката. Скенерите покажале силна активација токму во центрите за награда, истите мозочни системи што се активираат кога сме гладни, жедни, кога добиваме на лотарија… или кога користиме супстанции што создаваат зависност.

Мозокот не пишува љубовни песни

За мозокот не постои романтика. Неговата порака е едноставна: „Ова е награда. Повтори го.“ Затоа вљубеноста не е само чувство, туку силен биолошки нагон.

Во физиолошка смисла, таа повеќе наликува на жед отколку на добро расположение. Како што жедта нè тера да бараме вода, така вљубеноста нè тера повторно и повторно да ја бараме саканата личност, преку порака, повик, средба… или барем со проверување кога последен пат била онлајн.

И дали го лајкнала нашето последно стори.

Разликата е што во тие моменти разумот речиси никогаш не победува. Допаминот веќе ја презел командата.

Извор BUG.Hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс