Лукаш Жал го освои златото на „Манаки“ за „Татковина“: Свечено затворено 47. издание на фестивалот

Полскиот кинематограф ја понесе главната награда „Златна камера 300“, а на завршницата беа прогласени сите лауреати и се прикажа новиот филм на Срѓан Јанаќијевиќ

Полскиот кинематограф Лукаш Жал ја освои главната награда „Златна камера 300“ за фотографијата во филмот „Татковина“, на свеченото затворање на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

„Сребрената камера 300“ му припадна на кинематографот Џонгјианг Лијанг за филмот „Непозната девојка“, додека со „Бронзена камера 300“ беше награден Паул Шпенгеман за „До крајот на денот“.

Примајќи го признанието, Шпенгеман наградата им ја посвети на студентите во Србија и на нивната борба на улиците во Белград.

Во Главната натпреварувачка програма годинава беа прикажани 12 филмови, селектирани од Слаѓан Пеневиќ. Воли Форстнер ги претстави остварувањата обединети под тематскиот наслов „Уметност на екранот“ (Art on Screen).

Во Студентската програма, „Кристалната камера 300“ ја освои Милда Јуодвалките за филмот „Покрај ридот на Наполеоновиот шешир“. Наградата „Мала камера 300“ за краток филм му припадна на Хулијан Амару за „Таму на небото“.

Во документарната програма жирито додели признание на Ала Кеир за „Ништо не се случува откако ќе заминеш“, додека рамноправни награди добија Максим Катари за „Магарешка убавина“ и Бенхамин Ечасарета за „Кракатоа“.

Директорот на фестивалот Димитрија Доксевски на затворањето истакна дека годинашното издание поставило рекорди според бројот на прикажани филмови и реализирани едукативни содржини.

„Видовме рекорден број од 83 филмови, како и рекорден број мастер-класови и работилници. Сето ова се случи за само седум дена. Ова е посебно издание за сите нас“, рече Доксевски.

Фестивалската завеса беше спуштена со премиерната проекција на новиот филм на Срѓан Јанаќијевиќ, „Нема да ви се верува што се случи претходно“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс