Илјадници Словаци на протест против Фицо: Гневни поради неговото приближување кон Кремљ

Околу 25.000 луѓе се собраа во Братислава на протест против владата на премиерот Роберт Фицо, обвинувајќи ја за поткопување на владеењето на правото, ограничување на слободите и обновување на врските со Русија. Протестот се одржа на годишнината од Кадифената револуција во 1989 година.
epa13318407 Clashes between Italian police and Slovan Bratislava supporters during the UEFA Champions League soccer match between AS Roma and Slovan Bratislava in Rome, Italy, 20 October 2026. EPA/ALESSANDRO DI MEO

Илјадници луѓе денеска протестираа во Братислава против словачкиот премиер Роберт Фицо. Демонстрантите ја обвинуваат неговата влада за поткопување на владеењето на правото и го критикуваат нејзиното приближување кон Русија, јави Франс прес.

Протестот го организираше главната опозициска партија, Прогресивна Словачка (ПС), на годишнината од Кадифената револуција во 1989 година, со која беше соборен комунистичкиот режим во тогашна Чехословачка. Чешка и Словачка мирно се разделија во 1993 година.

Според податоците на Прогресивна Словачка, на протестот се собрале околу 25.000 луѓе. „Постои одредена група политичари што сака да ја ограничи слободата и да влева страв кај луѓето“, изјави 22-годишниот студент по медицина Јулиус Тобијас Колесар.

Тој ги критикуваше потезите на владата на Фицо за зголемување на контролата врз медиумите и културата, како и ограничувањето на правата на ЛГБТИ+ лицата во Словачка, земја со 5,4 милиони жители.

Демонстрантите гневни поради односите со Русија

Посебно незадоволство кај демонстрантите предизвикаа обидите на Фицо да ги зајакне односите со Кремљ, и покрај руската инвазија врз Украина. Меѓу потезите што предизвикаа реакции го посочија октомвриското патување на словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар во Москва, каде што учествуваше на состанок на руско-словачката меѓувладина комисија.

„Тоа е запрепастувачки. Тоа е предавство на народот, фактот што преговараат со нив (Русите)“, изјави Игор Вицо, 74-годишен пензиониран лекар кој сè уште работи. „Нека си ги спакуваат работите и нека си заминат!“, порача тој.

Владата на Фицо ја загуби апсолутната мнозинска поддршка во парламентот

Фицо се врати на власт во 2023 година, откако претходно трипати ја извршуваше функцијата премиер. Неговата владејачка коалиција неодамна ја загуби апсолутната мнозинска поддршка во парламентот, откако неколку пратеници ја напуштија.


Центристичката опозиција бара предвремени избори, но во парламентот нема потребни 90 гласа за нивно распишување. Фицо се противи на испраќањето воена помош за Украина, а во изминатите три години се соочи со бројни протести. Во повеќе наврати влезе и во судир со Европската Унија. Словачкиот парламент минатата година го измени Уставот, внесувајќи одредба според која словачкото национално право има предност пред правото на Европската Унија, наведува Франс прес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс