Зошто брусницата треба почесто да биде на вашето мени?

Брусницата најчесто се поврзува со спречување инфекции на уринарниот тракт, но ова ситно црвено овошје има и други здравствени придобивки.

Богато е со антиоксиданси, витамини и растителни влакна, а може да придонесе за здравјето на срцето, забите и дигестивниот систем.

Нутриционистката Џулија Зумпано од американската клиника Кливленд објаснува зошто брусницата заслужува место во секојдневната исхрана, но и на што треба да внимаваме при купувањето.

Во 100 грама свежа брусница има само 46 калории, 4,27 грама природни шеќери и 3,6 грама растителни влакна. Содржи и витамини Ц, Е и К, како и манган и бакар.

Карактеристичната црвена боја потекнува од растителни соединенија со антиоксидативно дејство.

Може да помогне во спречувањето уринарни инфекции

Одредени соединенија во брусницата го отежнуваат прицврстувањето на бактеријата ешерихија коли за ѕидовите на мочниот меур.

Редовното консумирање може да помогне во намалувањето на ризикот од повторливи уринарни инфекции кај одредени луѓе. Сепак, брусницата не е лек за веќе постоечка инфекција.

Се истражува и нејзиното потенцијално влијание врз создавањето забни наслаги, крвниот притисок, холестеролот и рамнотежата на цревната микрофлора.

Внимавајте на сувата брусница

Поради природно киселиот вкус, производителите често додаваат значителни количества шеќер. Една порција засладена сушена брусница може да содржи околу 25 грама додаден шеќер.

Затоа е важно да се чита декларацијата и да се избираат производи без додадени засладувачи.

Свежата или замрзнатата брусница може да се комбинира со јогурт, овесни снегулки, јаткасти плодови или да се додава во смути и салати.


Кој треба да внимава?

Луѓето склони кон создавање камења во бубрезите, како и оние што користат лекови за разредување на крвта, треба да бидат внимателни со големи количества брусница, особено со концентрирани екстракти и додатоци во исхраната.

е-Трн да боцка во твојот инбокс