Големата трагедија што го потресе Бангкок добива нови детали, откако тајландските власти соопштија дека најголемиот дел од загинатите во пожарот во музички бар биле пронајдени во тоалети без прозорци, каде што се обиделе да се засолнат од пламените јазици и густиот чад. Во несреќата загинаа најмалку 27 лица, додека десетици се повредени.
Пожарот избувнал доцна во неделата во барот „Ронг Бир На Ладпрао“, во северниот дел на тајландската престолнина. Огнената стихија била ставена под контрола по околу 30 минути, но последиците се катастрофални. Според локалните власти, најголем дел од жртвите починале од вдишување чад, а најмалку 25 лица се во критична состојба.
Истрагата е во тек, а форензичарите ги испитуваат причините за пожарот. Полицијата соопшти дека дел од излезите можеби биле блокирани или заклучени, што дополнително го отежнало бегството на посетителите. Се проверува и дали во објектот биле користени лесно запаливи материјали, како и дали електричната инсталација била изведена според безбедносните стандарди.
Тајландскиот премиер изјави дека музичар кој настапувал во барот забележал чад од електрична разводна кутија во близина на сцената непосредно пред да снема струја. Неколку моменти подоцна се слушнала експлозија, по што просторот за кратко време бил исполнет со густ чад.
Според снимките објавени на социјалните мрежи, посетителите во паника се обидувале да избегаат додека пламените јазици го зафаќале објектот, а густ црн чад се издигал над зградата. Ова е најсмртоносниот пожар во Бангкок во последните 17 години.