Речиси една недела по разорните земјотреси што ја погодија Венецуела, спасувачките екипи и натаму пронаоѓаат преживеани под урнатините.
Меѓународни тимови, кои пристигнаа да помогнат во погодените подрачја, продолжуваат со потрагата и покрај сè помалите шанси за преживување со секој изминат час.
Спасувачи од Ел Салвадор во раните утрински часови во вторникот стигнале до маж заробен под урнатините на трговски центар во крајбрежниот град Маикетија, објави претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, на платформата X.
На мажот му била доставувана вода преку цевка, додека спасувачите барале начин безбедно да го извлечат.
Спасено и дете по пет дена под урнатини
Пожарникари од еквадорската престолнина Кито, кои исто така се распоредени во погодената зона, соопштија дека во понеделникот спасиле 12-годишно момче.
„Пет дена по земјотресот, знаците на живот се најголемата мотивација да продолжиме понатаму“, објавија тие на X.
„Сè додека постои шанса, ќе продолжиме да бараме“, порачаа спасувачите.
Меѓу спасените, според Букеле, било и куче по име Жизел, извлечено од урнатини во градот Карабаљеда по петчасовна операција.
На видеоснимка објавена на социјалните мрежи, кучето лежи во прегратките на својот спасител и возбудено му го лиже лицето.
Извештаите за дел од спасувањата првично не можеа да бидат независно потврдени.
Бројот на жртви расте
Владата на Венецуела соопшти дека бројот на загинати во двата земјотреса, со магнитуди од 7,2 и 7,5 степени, кои се случија минатата среда, достигнал 1.719.
Според проценките на Американскиот геолошки институт, бројот на жртви би можел дополнително да расте, а размерите на катастрофата сè уште се проценуваат.
Земјотресите предизвикаа големи оштетувања во повеќе населени места, а спасувачките операции продолжуваат во услови на урнатини, недостиг на основни средства и страв од нови потреси.
Иако времето за пронаоѓање преживеани брзо истекува, спасувачките тимови велат дека нема да се откажат додека постои и најмала надеж.