Руски независни медиуми идентификуваа над 236 илјади загинати руски војници во Украина

Повеќе од десет генерали се меѓу потврдените жртви во Украина, додека реалните загуби на руската армија се проценуваат како значително повисоки.

Независната руска медиумска куќа Медиазона и руската служба на Би-Би-Си верификуваа идентитет на 236.066 руски војници кои загинаа во инвазијата врз Украина. Според истражувањето базирано на јавно достапни податоци, реалниот број на загинати е значително поголем, а воените загуби постепено ја надминуваат динамиката со која Кремљ успева да регрутира нови војници.

Заедничкото истражување на Медиазона и руската служба на Би-Би-Си, спроведено со помош на волонтери, користи исклучиво потврдени податоци од официјални извештаи, некролози, објави на социјалните мрежи и локални медиуми. Истражувачкиот тим нагласува дека бројката од 236.066 загинати ги опфаќа само оние поединечни случаи каде што идентитетот и смртта се целосно потврдени со документи или јавни извори.

Загубите на фронтот се толку високи што Русија губи повеќе војници отколку што успева да мобилизира и да испрати на линијата на борбени дејствија. Проценките на независните аналитичари укажуваат дека реалниот број на загинати руски борци е драстично поголем од досега документарно потврдените случаи, бидејќи многумина се водат како исчезнати или нивните тела сè уште не се извлечени.

Меѓу идентификуваните жртви во редовите на руските сили има и висок команден кадар. Досега е документарно потврдена смртта на повеќе од десет руски генерали, што укажува на значителни загуби во самата структура на командување за време на воените операција во Украина.

Министерството за одбрана на Руската Федерација одбегнува да објавува редовни податоци за сопствените воени жртви. Последната официјална бројка што ја соопшти Москва датира од септември 2022 година, кога тогашниот министер за одбрана Сергеј Шојгу тврдеше дека во Украина загинале 5.937 руски војници. Оттогаш, руските власти ги третираат податоците за загинатите како државна тајна и ги соопштуваат единствено процените за загубите на украинската страна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс