Властите во Црна Гора привремено забранија капење на четири популарни плажи во Будва и Бар.
Одлуката доаѓа откако анализите покажале дека морската вода на тие локации не ги исполнува пропишаните санитарни стандарди.
Под забрана се плажите „Жукотрлица 02“ и „Жукотрлица 03“ во населбата Шушањ во Бар, како и популарните „Словенска плажа 01“ и „Пржно“ во Будва.
На овие локации се поставени црвени знамиња како предупредување за посетителите да не влегуваат во морето.
Претходно, капачи од овие плажи се пожалиле на заматена вода и непријатен мирис, а лабораториските анализи потврдиле дека квалитетот на водата на овие плажи не е соодветен за безбедно капење.
Според Институтот за биологија на морето, контролите биле спроведени од 20 до 23 јули на 114 локации долж црногорското крајбрежје. Резултатите покажале дека 78,9 проценти од плажите имаат одличен квалитет на водата, 8,8 проценти добар, уште 8,8 проценти задоволителен, додека 3,5 проценти се оценети како несоодветни за капење.
Во Улцињ, од 18 испитани плажи, 14 имаат одличен квалитет на водата, две добар и две задоволителен. Во Бар, покрај двете плажи со забрана, останатите 13 се оценети како одлични. Во Будва, од 34 анализирани плажи, 27 имаат одличен квалитет, две добар, три задоволителен, а две се оценети како небезбедни. Најголем дел од плажите во Тиват, Котор и Херцег Нови имаат одличен или добар квалитет на морската вода.
Во меѓувреме, дел од црногорските медиуми објавија дека во здравствените установи е забележан зголемен број деца со симптоми како дијареја, повраќање, малаксаност и покачена температура. Сепак, не е официјално потврдено дека овие случаи се директно поврзани со квалитетот на морската вода, иако како една од можните причини се разгледува загадување од отпадни води.