Европската комисија одби иницијатива за забрана на миграција на лица од „незападно потекло“

Европската комисија ја одби иницијативата за мораториум на миграцијата на лица од „незападно потекло“, оценувајќи дека е дискриминаторска и спротивна на вредностите на ЕУ.

Европската комисија ја одби граѓанската иницијатива со која се бараше воведување мораториум за миграција на лица со „незападно потекло“, оценувајќи дека предлогот не ги исполнува формалните услови за регистрација и е во спротивност со темелните вредности на Европската Унија.

Иницијативата ја покренаа холандската политичка коментаторка и активистка Ева Влардингербрук и австрискиот активист Мартин Зелнер. Тие побараа Европската комисија да предложи закон со кој би се ограничиле новите миграциски канали за лица надвор од Европа, вклучително и запирање на обработката на одредени барања за азил, како и ограничување на студентските визи и визите за семејно обединување.

Според подносителите, ваквите мерки биле неопходни за заштита на општествената кохезија и културниот континуитет во земјите членки. Европската комисија, сепак, оцени дека критериумите врз кои се темели иницијативата претставуваат дискриминација врз основа на раса и етничко потекло.

Во образложението се наведува дека предлогот е спротивен на член 2 од Договорот за Европската Унија, член 21 од Повелбата за основните права на ЕУ и на воспоставената судска пракса, поради што не може да биде регистриран.

Европската граѓанска иницијатива им овозможува на граѓаните на ЕУ да предложат ново европско законодавство доколку обезбедат најмалку еден милион потписи од најмалку една четвртина од земјите членки. Пред почетокот на собирањето потписи, секоја иницијатива мора да добие одобрение за регистрација од Европската комисија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс