Водостојот на Дунав низок, може ли нуклеарната централа Козлодуј да издржи?

Бугарските власти започнале разговори и со Србија за можностите хидроенергетскиот систем „Ѓердап“, во рамките на техничките и меѓудржавните правила, да помогне во одржувањето на водостојот над критичните прагови потребни за непречена работа на централата

Водостојот на Дунав во Бугарија продолжува да се намалува и веќе достигна рекордно ниски вредности за последните децении. Состојбата предизвикува проблеми во пловидбата и загриженост за работата на нуклеарната централа „Козлодуј“, која ја користи реката во процесот на производство на електрична енергија.

Според податоците од 3 август, најниско ниво е измерено кај Русе, каде што Дунав се наоѓа 92 сантиметри под референтната нулта точка. За едно деноноќие водостојот таму се намалил за уште еден сантиметар. Кај Орјахово е измерено ниво од минус 78 сантиметри, кај Силистра минус 76, а кај Ново Село минус 57 сантиметри.

Ниското ниво на реката веќе го ограничува пловниот коридор во бугарскиот дел од Дунав. Товарните бродови мора да превезуваат помалку стока, дел од траектните линии се прекинати, а на крајот од јули патнички брод со 186 туристи се насука во близина на Видин.Посебно внимание е насочено кон нуклеарната централа „Козлодуј“, но бугарското Министерство за енергетика и раководството на централата уверуваат дека двата активни блока работат според планираниот распоред и засега нема потреба од намалување на производството.

Поради продолженото намалување на водостојот, во централата уште на почетокот на јули бил формиран посебен кризен тим. Се спроведува програма со мерки за обезбедување стабилна и безбедна работа доколку Дунав продолжи да се повлекува.Од „Козлодуј“ нагласуваат дека водата од реката не се користи за директно ладење на нуклеарните реактори. Таа служи за ладење и кондензирање на пареата во конвенционалниот, ненуклеарен дел од централата. Снабдувањето се врши преку сопствена пумпна станица изградена во длабок речен залив и проектирана да функционира и при многу ниски водостои.

Бугарските власти започнале разговори и со Србија за можностите хидроенергетскиот систем „Ѓердап“, во рамките на техничките и меѓудржавните правила, да помогне во одржувањето на водостојот над критичните прагови потребни за непречена работа на централата.Температурата на водата во бугарскиот дел на Дунав се движи меѓу 25,9 и 27,2 степени. Освен количеството вода, високата температура може дополнително да ја намали ефикасноста на системите што ја користат реката за ладење.

Состојбата во Бугарија е дел од пошироката криза по течението на Дунав. Унгарија го запира производството во нуклеарната централа „Пакш“ поради недостиг од вода за ладење, додека Србија регистрира значително намалување на производството во хидроелектраните „Ѓердап“.Во Бугарија засега нема непосредна опасност за работата на „Козлодуј“, но натамошното намалување на реката внимателно се следи. Централата располага со автоматски систем за постојано мерење на нивото пред пумпната станица, а енергетските власти се во постојана координација со операторот на електроенергетскиот систем.

е-Трн да боцка во твојот инбокс