Општина Аеродром започнува постапка за воспоставување систем за видеонадзор на детските и спортските игралишта, како и во парковите на нејзина територија.
Предлогот за почнување на постапката бил усвоен на вчерашната седница на Советот на Општина Аеродром.
Од Општината велат дека мерката има цел да го спречи вандализмот, да го заштити јавниот имот и да ги зачува реконструираните и обновените спортски и детски игралишта.
Заштита на јавниот имот
Според Општината, секое оштетено игралиште претставува загуба за сите граѓани, а најмногу за најмладите.
Поради тоа, покрај реконструкцијата и обновата на јавните простори, се преземаат и дополнителни мерки за нивна долгорочна заштита.
Новиот систем за видеонадзор треба да придонесе за заштита на општинскиот имот и урбаната опрема, зачувување на парковите и игралиштата, како и за полесно откривање на сторители на казниви дела.
Поголема безбедност на јавните површини
Од Општината очекуваат видеонадзорот да придонесе и за подобар јавен ред, повисоко ниво на безбедност и поголема заштита на јавната инфраструктура.
Проектот ќе се реализира согласно со законските процедури и со почитување на прописите за заштита на личните податоци и важечките стандарди.
Од Општина Аеродром порачуваат дека мерката е дел од заложбите за создавање побезбедни, поуредени и зачувани јавни простори за сите граѓани.