Од снимките може да се види како едно лице се приближува кон возилата паркирани на тротоарот пред Бугарската амбасада во Скопје. Додека се движи кон нив, лицето вади шише со непозната течност од пластична кеса и ги полева автомобилите.
На видеото потоа се гледа како предниот дел од еден од автомобилите, „сузуки“, почнува да гори, по што огнот брзо се шири. Во истиот момент лицето кое го предизвикало палењето се оддалечува и бега од местото на настанот.
Бугарските медиуми попладнево ја објавија видеоснимката од инцидентот, на која се документира палењето на двете дипломатски возила паркирани пред Бугарската амбасада во Скопје.
По објавата на снимката, реагираа и македонските и бугарските институции, при што беше изразена осуда за инцидентот.
Од Министерството за надворешни работи на Бугарија наведоа дека ваквите инциденти се последица на, како што велат, засилен агресивен политички говор и говор на омраза. Оттаму упатија критики и кон македонските институции, посочувајќи дека недоволниот одговор на претходни слични случаи создава чувство на неказнивост кај сторителите.
Институциите најавуваат дека истрагата продолжува и дека дополнителни информации ќе бидат објавени по нејзиното завршување.