Целта на нападите е прекин на руската поморска логистика за превоз на нафта и товар со кои се заобиколуваат меѓународните санкции. Украинската страна притоа настојува да избегне еколошки катастрофи, па бродовите само ги онеспособува, а не ги потопува, пишува Kyiv Post.
Командантот на СБС, Роберт „Маѓар” Бровди, објави дека само во текот на ноќта во петокот биле погодени 12 брода. Во објава на Телеграм, тој порача дека кампањата продолжува, а нејзина мета е руската поморска логистика. „FLEETDROP продолжува: 159 пловила за 12 дена операција ‘Молочко’. Нашите ‘птици’ од СБС на 17 јули во Црно Море погодија уште 12 брода од ‘флотата во сенка’: девет товарни бродови, еден танкер, еден бродски превозник на гас и еден влекач”, напиша Бровди. Според неговите податоци, украинските сили од 6 до 17 јули погодиле вкупно 159 пловила, од кои 117 во Азовско Море, а 42 во Црно Море.
Security Service of Ukraine, together with the Navy, struck the Russian shadow fleet tankers Louise 1 and Banda in the Black Sea using Mamai naval drones.
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) July 16, 2026
▪️ Louise 1 was used to transport Russian crude oil in violation of the G7 and EU oil embargo. The tanker shipped oil from… pic.twitter.com/ZpVCUEK1kv
Тој нагласи дека целта на операцијата е парализа на руската поморска логистика, без предизвикување еколошки катастрофи. „Целта е неповратно да ја парализираме логистиката на нафта, гориво и товар што служи за заобиколување на санкциите. Сакаме секој брод со сопствен погон да стане пловечка баржа, слепа и глува. Не ни е цел да го загадиме морето со истекување на нафта, поради што не ги потопуваме”, објасни тој, додавајќи дека доказите за нападите ќе бидат објавени дополнително.
Киев ја брани оваа кампања со аргументот дека руската „флота во сенка” ги финансира воените напори на Кремљ и затоа претставува легитимна воена цел. Заменик-премиерот Олексиј Кулеба, во писмо до Меѓународната поморска организација, ги отфрли тврдењата на Москва дека Украина изведува „терористички” напади врз комерцијални бродови, тврдејќи дека од почетокот на инвазијата Русија нападнала 59 трговски бродови, со што го крши меѓународното хуманитарно право.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги осуди украинските напади на 14 јули, за време на заедничка прес-конференција со чадскиот министер за надворешни работи. „Она што украинскиот режим го прави не е дури ни пиратство. Пиратите барем крадат за себе. Овие тука ниту земаат нешто за себе, ниту дозволуваат другите да имаат, тие едноставно сакаат да нанесат штета и да шират страв. Тоа е чист тероризам”, изјави Лавров.
Бровди на обвиненијата кратко одговори на Телеграм: „Тоа не е пиратство, Лавров, само бизнис. Ваш, крвав.”