Српската полиција и Вишото јавно обвинителство во Смедерево уапсија три лица по трагичното давење на петгодишно момче во аква парк во Смедерево. Првичните сознанија од истрагата покажуваат дека уапсените раководители и спасувачот не постапувале според прописите за заштита, што доведе до смрт на детето на базенот „Југово“.
По спроведената предистражна постапка, Вишото јавно обвинителство во Смедерево во соработка со полицијата ги лиши од слобода М.Ѓ., директор на компанијата која стопанисува со аква паркот, Д.Ѓ., раководител за општи работи, и Б.Р., кој работел како спасувач. Според обвинителството, постои основано сомневање дека тие не ги почитувале прописите и правилата за заштитни мерки, со што предизвикале опасност која завршила со фатални последици.
На осомничените им е одредена мерка притвор во траење до 48 часа. Во овој рок, тие ќе бидат спроведени во просториите на обвинителството на сослушување. Српските органи им ставаат на товар извршување на кривично дело Тешко дело против општата сигурност според Кривичниот законик.
Инцидентот се случи на 20 јули во попладневните часови, по 18 часот, на базенот во аква паркот „Југово“. И покрај брзата реакција на екипите на Итната медицинска помош кои веднаш започнале реанимација на местото на настанот, лекарите единствено можеле да констатираат смрт кај петгодишното дете.