На 26 ноември 1922 година, по шест години залудно копање во Долината на кралевите, британскиот археолог Хауард Картер пробил мал отвор во запечатена врата и низ него вметнал запалена свеќа. Во таа недела, која самиот ја запишал како „денот на деновите“, светот првпат по три милениуми го здогледал богатството на Тутанкамон. Фараонот што денес е најпознатиот симбол на Стар Египет останал неограбен поради еден историски парадокс: неговите наследници го избришале од официјалните записи.
Кога Картер почнал да ја бара гробницата, името Тутанкамон било познато само во тесни научни кругови. Роден околу 1342 година пред нашата ера, младиот владетел потекнувал од 18. династија, како потомок на Аменхотеп III и на Аменхотеп IV, попознат како Ехнатон.

Ехнатон радикално ги променил египетската религија и уметност, отфрлајќи ги старите богови за да го воведе култот кон едно божество – сончевиот диск Атон. По неговата смрт, Тутанкамон дошол на престолот и ја вратил државата кон старите традиции. Владеел кратко, околу девет години, и починал млад, на возраст од 15 или 16 години.
Поради неговата поврзаност со Ехнатон, подоцнежните фараони систематски ги уништувале спомениците од тој период и го отстраниле владеењето на Тутанкамон од државните хроники. Тој обид за бришење од историјата имал неочекуван ефект. Крадците на гробници не го знаеле неговото име и немале причина да го бараат неговото почивалиште. Дополнителна заштита обезбедиле камените колиби на античките работници кои подоцна ја граделе гробницата на Рамзес VI, подигнати директно врз влезот на гробот на Тутанкамон.
Патот на Хауард Картер до ова откритие бил полн со падови. Роден во Лондон во 1874 година како најмладо од 11 деца на сликар, тој немал формално високо образование, но имал талент за цртање. На 17 години, во октомври 1891 година, заминал во Египет како цртач на археолошки наоди, а подоцна станал главен инспектор за споменици во Горен Египет.
Неговата кариера нагло запрела по инцидент во некрополата Сакара, каде што влегол во остар судир со група пијани туристи и одбил да им се извини. Поради тоа морал да поднесе оставка и со години преживувал продавајќи акварели на туристи. Пресвртот се случил околу 1907 година, кога се запознал со богатиот британски аристократ, петтиот гроф од Карнарвон, кој престојувал во Египет поради здравствени проблеми.
Во 1914 година тие ја презеле концесијата за ископување во Долината на кралевите од Американецот Теодор Дејвис, кој верувал дека долината е целосно исцрпена. Првата светска војна ги одложила работите до декември 1917 година. Следувале шест сезони без поголем успех. Во 1922 година, фрустриран од трошоците и празните ровови, лорд Карнарвон го известил Картер дека го прекинува финансирањето. Картер го молел за уште само една, последна сезона и успеал да го убеди.
Последната сезона започнала на 1 ноември 1922 година, на просторот пред влезот на гробницата на Рамзес VI. Откако ги исчистиле и документирале античките работнички колиби, на 4 ноември околу 10 часот наутро тимот на Картер наишол на првото скалило врежано во карпата.
Веќе следниот ден, на 5 ноември, работниците исчистиле 12 скалила и стигнале до горниот дел од малтерисана врата со недопрени печати на Кралската некропола. Картер наредил влезот повторно да се затрупа за заштита и веднаш испратил телеграма до лорд Карнарвон во Англија: „Конечно направивме чудесно откритие во Долината; величествена гробница со недопрени печати; ја затрупавме повторно до вашето доаѓање; честитки“.
Картер чекал повеќе од две недели додека Карнарвон пристигне во Луксор. На 24 ноември биле откопани сите 16 скалила и на долниот дел од вратата се појавиле печатите со името на Тутанкамон. Следниот ден ја отвориле првата врата и расчистиле кос ходник исполнет со камења и шут.

Попладнето во недела, на 26 ноември 1922 година, тимот стигнал до втората запечатена врата. Пред очите на лорд Карнарвон и неколкумина присутни, Картер направил мал отвор во горниот агол и протнал запалена свеќа за да провери дали внатре има опасни гасови, но и за да ја осветли темнината.
Откако очите му се навикнале на светлината, Карнарвон нестрпливо го прашал: „Гледаш ли нешто?“. Картер одговорил: „Да, чудесни нешта“.
Во тој момент пред него се појавило предворјето на гробницата – соба преполна со статуи, чудни животни и, како што подоцна запишал самиот, „насекаде, сјај на злато“. Во февруари 1923 година била отворена и погребната комора, каде што ги чекал вистински ѕид од злато, три светилишта едно во друго, златни саркофази и мумијата на Тутанкамон со неговата позната златна посмртна маска, а веднаш до неа и ризницата со кралските предмети.
Лорд Карнарвон не дочекал да го види крајот на работата и починал неколку месеци по откритието од инфекција предизвикана од убод на комарец. Хауард Картер останал во долината речиси цела деценија, до 1932 година, за детално да го попише секој предмет од гробницата. Починал во Лондон во 1939 година, на 64-годишна возраст.
