Европската комисија ќе прераспредели дел од средствата од Планот за раст за Западен Балкан, а парите првично наменети за Босна и Херцеговина, Србија и Косово ќе ги насочи кон три земји во регионот што оствариле најголем напредок. Ова го најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по самитот ЕУ, Западен Балкан во Брисел.
Повеќе средства за земјите што спроведуваат реформи
Црна Гора и Албанија треба да добијат 15 отсто повеќе средства, додека за Македонија е предвидено зголемување од 10 отсто. Фон дер Лајен објасни дека целта е достапните средства да се искористат за поттикнување конкретни резултати.
„Во наш интерес е расположливите средства да ги ставиме во функција. Мораме да ја искористиме можноста што ни се достапни овие пари, да ги инвестираме и да обезбедиме тие да донесат конкретни резултати“, изјави фон дер Лајен.
Планот за раст е вреден шест милијарди евра, од кои две милијарди се неповратни грантови, а четири милијарди се поволни заеми. Програмата се спроведува до 2027 година, а средствата се исплаќаат откако земјите ќе ги реализираат договорените реформи. Доколку реформите не бидат спроведени ниту во дополнително утврдениот рок, Европската комисија може средствата да ги пренасочи кон други земји во регионот.
Разлики во спроведувањето на реформите
Црна Гора, Албанија и Македонија досега покажале најголем напредок во спроведувањето на реформите. Според податоците на Европската комисија, до мај Албанија од Планот за раст добила 212,8 милиони евра, Македонија 142,1 милион евра, а Црна Гора 89,3 милиони евра. Истовремено, податоците на Комисијата од август покажуваат дека Босна и Херцеговина била единствената земја што не добила ниту почетна претфинансиска исплата. Рокот за поднесување на првото барање за исплата истекол на 30 јуни. Србија, пак, не учествувала на самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, бидејќи сè уште траел процесот на формирање нова влада.
