Првите снимки од астероидот во кој НАСА намерно удри со вселенско летало откриваат кратер со големина на стадион. Научниците сега детално го истражуваат местото на судирот за да утврдат какви промени предизвикал ударот и колку ефикасна може да биде оваа техника за одбрана на Земјата.
Големите оштетувања настанале во 2022 година, кога леталото „ДАРТ“ (DART) на НАСА се судрило со астероидот Диморфос. Тој не претставувал закана за Земјата, но целта на мисијата била да се тестира систем за планетарна одбрана и да се утврди дали е можно намерно да се промени траекторијата на астероид.
Четири години подоцна, леталото „Хера“ на Европската вселенска агенција (ЕСА) детално го истражува местото на ударот за да ги утврди сите последици од судирот, објави Би-би-си.
„Кратерот е речиси исто толку голем колку и самиот астероид, што е навистина спектакуларно. Тешко е со зборови да се опише возбудата што конечно можеме да видиме што се случило. Како некој што ги проучува кратерите, можам да кажам и дека е прекрасен“, изјавила Сабина Радучан, планетарна научничка и членка на научниот тим на мисијата „Хера“.
Судирот покажа дека може да се промени орбитата на помал астероид
Леталото „ДАРТ“ на НАСА во 2022 година удрило во Диморфос со брзина од околу 22.000 километри на час. Судирот бил толку силен што телескопите на Земјата и во вселената регистрирале трага од исфрлен материјал долга околу 10.000 километри. Диморфос има дијаметар од околу 150 метри. Бил избран како цел и затоа што е дел од бинарен астероиден систем: орбитира околу поголемиот астероид Дидимос, чиј дијаметар изнесува околу 730 метри.
Експериментот покажа дека со намерен судир може да се промени орбитата на помал астероид. Пред ударот, на Диморфос му биле потребни 11 часа и 55 минути за да направи една обиколка околу Дидимос. По судирот, неговиот орбитален период се скратил за околу 33 минути. Една од главните цели на мисијата „Хера“ е да ја измери масата на Диморфос, за научниците да можат да утврдат колку бил ефикасен ударот на леталото на НАСА. Таквите податоци би биле од клучно значење доколку во иднина биде откриен астероид чија траекторија води кон судир со Земјата.
„Тоа би ни помогнало да предвидиме што би се случило доколку мораме да удриме во некој друг астероид“, изјавил Сајмон Грин, професор по планетарни науки и член на научниот тим на мисијата „Хера“.
„Би можеле да ги измериме неговите својства и да кажеме: ‘Ни треба летало со одредена маса, кое ќе се движи со одредена брзина и кое ќе го насочиме кон астероидот доволно рано за да му ја смениме орбитата и да обезбедиме да ја промаши Земјата’“, објаснил тој.
Променет е и начинот на кој се движи астероидот
Пристигнувањето на „Хера“ им овозможило на научниците да добијат одговори и на низа други прашања. Судирот не ја променил само формата на Диморфос, туку и начинот на кој се движи.
„Пред ударот на ‘ДАРТ’, Диморфос повеќе наликуваше на нашата Месечина. Секогаш со иста страна беше свртен кон Дидимос и се движеше прилично предвидливо. Сега неговото движење е многу хаотично, се превртува. Замислете буре што го фрлате по скали, па тоа се тркала и се врти. Во основа, така сега се движи Диморфос околу Дидимос“, објаснила Радучан.
„Хера“ направила и детални снимки од Дидимос, кои го откриваат изгледот на неговата површина. Гравитацијата на површината на овој астероид е околу 40.000 пати послаба отколку на Земјата.
„Веќе можеме да видиме фасцинантни и сложени геолошки структури. Забележуваме области покриени со големи карпести блокови“, изјавила Наоми Мардок, членка на тимот на мисијата „Хера“.
„Најмалите детали што можеме да ги разликуваме на овие снимки се големи околу три метри. Тоа значи дека сите карпи што ги гледате се големи најмалку три метри, а некои достигнуваат и десет метри. Значи, гледаме карпи со големина на автомобили и автобуси на небесно тело на кое речиси и да нема гравитација“, додала таа.
„Хера“ носи и два мали сателита
Во следните шест месеци „Хера“ ќе ги проучува Диморфос и Дидимос и ќе испраќа нови снимки со повисока резолуција, направени од помала оддалеченост. „Хера“ е нешто како инспекторот Колумбо, кој се враќа на местото на судирот за да ги истражи неговите последици“, изјавил Патрик Мишел, главен научник на мисијата на ЕСА. Леталото е опремено со бројни научни инструменти, а со себе носи и два мали сателита, со големина на кутија за чевли. Тие од непосредна близина ќе го истражуваат местото на ударот, а подоцна треба и да слетаат на астероидот.
Сепак, првите снимки од „Хера“ откриле и нов предизвик. Диморфос и Дидимос се движат низ вселената опкружени со стотици карпести блокови, со големина од неколку десетици сантиметри до еден метар. Поради тоа, управувањето со леталото и малите сателити низ оваа област, исполнета со карпести остатоци, ќе биде особено сложено.
Најголемите астероиди веќе се откриени
Астероидите претставуваат значителна потенцијална закана за нашата планета. Најголемите, со дијаметар поголем од еден километар, би можеле да предизвикаат глобално разорување, додека астероидите со средна големина, слични на Диморфос, би можеле да уништат цел град.
„Сите знаеме што им се случило на диносаурусите, нели? Не сакаме истото да ни се случи и нам. Добрата вест е дека во Сончевиот Систем има значително помалку потенцијални закани отколку пред неколку милиони години. Но, таквите објекти сè уште постојат“, истакнала Керолин Ернст од Лабораторијата за применета физика при Универзитетот „Џонс Хопкинс“, која учествувала во мисиите „ДАРТ“ и „Хера“.
Таа напоменала дека најголемите астероиди веќе се откриени и дека ниту еден од нив не се движи кон Земјата.
„Најмалите објекти не претставуваат голема закана бидејќи нè штити атмосферата. Но, постои категорија објекти со средна големина за кои не знаеме каде се наоѓаат сите, а кои во случај на удар би можеле да предизвикаат сериозни проблеми за човештвото. Ако можеме да ги откриеме и да дознаеме повеќе за нив, секако би сакале да се обидеме да ги запреме“, порача таа.
Научниците сакаат да соберат што повеќе податоци за астероидите, за човештвото да биде што подобро подготвено да одговори на потенцијалните закани од вселената. За 2027 година е планирано лансирање на нова мисија за откривање потенцијално опасни астероиди, со вселенскиот телескоп „НЕО Сурвејор“ (Near-Earth Object Surveyor).
Нови мисии за истражување на астероиди
Планирани се и нови мисии за истражување на астероиди, меѓу кои и на Апофис, долг околу 450 метри. Овој астероид бил откриен во 2004 година, а научниците првично сметале дека би можел да удри во Земјата на 13 април 2029 година.
По подетално проучување на неговата орбита, сепак, утврдиле дека нема да се судри со Земјата најмалку во следните 100 години. Наместо тоа, во 2029 година Апофис ќе помине на само 32.000 километри над површината на Земјата.
Тоа ќе им овозможи на научниците ретка можност да го проучуваат астероидот од непосредна близина. Кон Апофис ќе бидат испратени две вселенски летала: американското „ОСИРИС-АПЕКС“ (OSIRIS-APEX) на НАСА, кое претходно собра примероци од астероидот Бену, и „РАМЗЕС“ (Ramses), заедничка мисија на Европската вселенска агенција и Јапонската агенција за истражување на вселената (ЏАКСА).
