Во Белата куќа наводно се организираат интерни обложувања за тоа колку долго Марквејн Мулин ќе остане на функцијата министер за внатрешна безбедност на САД. Шпекулациите ги поттикнаа сè погласните критики за начинот на кој раководи со еден од најголемите владини ресори, објави „Индипендент“.
Неизвесна министерската позиција
Позицијата на Мулин стана неизвесна по серијата јавни настапи во врска со неодамнешните технички дефекти и проблематичното сослушување пред одбор на Претставничкиот дом минатата недела. Во моментов министерот е на петдневна турнеја на Блискиот Исток. Иако претседателот Доналд Трамп во вторникот изјави дека Мулин „добро си ја врши работата“, наводно не бил задоволен од неговото сведочење пред Комитетот за внатрешна безбедност. Министерот таму морал да ја брани одлуката да присуствува на натпревар во американски фудбал меѓу универзитетските тимови на Луизијана (ЛСУ) и Тексас, само еден ден откако воздушниот сообраќај низ целата земја бил целосно во прекин – редок настан во САД.
Мулин ја оправдал одлуката со објаснување дека откажувањето на патувањето би предизвикало „збунетост“ и „недоверба“ кај Американците што планирале да летаат.
Низа гафови и критики
Неколку дена пред сослушувањето, шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер, привремено го повлекол Мулин од медиумските настапи по неговото гостување на „Фокс њуз“. Во емисијата министерот сугерирал дека зад дефектите во системот за контрола на летањето стои „ВИ“, користејќи го изразот на Трамп за вештачка интелигенција. Како извор на информацијата го навел „еден човек што многу добро се разбира во технологија“. Како што објави „Политико“, групните разговори на администрацијата на Трамп биле преплавени со пораки на неверување додека вработените го следеле телевизискиот настап на Мулин.
Ваквите настапи, заедно со критиките дека Мулин зазема „прилично левичарски“ ставови за имиграцијата, спротивни на позициите на Трамп, ги засилија шпекулациите за тоа колку долго поранешниот сенатор од Оклахома ќе остане на функцијата.
Одговорот на Белата куќа
Претставник на Белата куќа за „Индипендент“ ги истакнал „бројните успеси“ што Милер и Мулин заеднички ги постигнале. Меѓу нив ги навел сузбивањето измами, борбата против трговијата со наркотици, апсењето илјадници осомничени терористи и разбивањето странски центри за интернет-измами. Портпаролката на Белата куќа, Лорен Бис, го пофалила претседателот затоа што го составил, како што рекла, „најталентираниот кабинет во историјата, кој секојдневно работи на спроведување на неговата разумна програма и остварува победи за американскиот народ“.
Во изјавата таа додала: „За нешто повеќе од една година, претседателот ја направи нашата земја поголема од кога било, со најбезбедната граница во историјата, најголемите даночни олеснувања за средната класа досега, инвестиции од повеќе билиони долари и најниска стапка на насилен криминал во речиси еден век“.
Турнеја на Блискиот Исток
Двајца вработени во Белата куќа за „Вашингтон пост“ изјавиле дека позицијата на Мулин засега изгледа сигурна. Според нив, малку е веројатно републиканците да успеат да добијат потврда за нов министер пред јануари, кога демократите треба да ја преземат контролата врз Конгресот. Мулин во моментов е на претходно ненајавена турнеја во Јордан, Азербејџан и Обединетите Арапски Емирати, во придружба на сопругата Кристи. Според „Вашингтон пост“, патувањето било планирано два месеца однапред.
Трамп во вторникот го пофалил Мулин во интервју за „Њујорк пост“, но бил видливо изненаден кога дознал дека министерот се наоѓа на Блискиот Исток. Претседателот погледнал кон директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чеунг, кој објаснил: „Тој е на однапред планирано патување, на средби со колеги од други земји“.
Министерството и претседателот застанаа во одбрана на Мулин
Од Министерството за внатрешна безбедност за „Вашингтон пост“ соопштиле дека Мулин „работи 24 часа дневно за безбедноста на татковината“. Во тоа, како што навеле, спаѓа и соработката со меѓународните партнери преку дипломатски средби и билатерални разговори за безбедност, со цел унапредување на националните интереси на САД.
„Вака изгледа кога едно министерство зазема проактивен пристап кон безбедноста на земјата“, изјавил портпаролот.
И покрај шпекулациите, се чини дека претседателот и натаму го поддржува Мулин, објави „Вашингтон пост“. „Тој е добар човек. Работи многу напорно“, изјавил Трамп за министерот, додавајќи дека не очекува „големи“ промени во својот кабинет. „Имаме добар кабинет“, заклучил претседателот. Тензиите меѓу Мулин и Белата куќа се појавиле уште во јули, само неколку месеци откако ја презел функцијата. Несогласувањата се однесувале на носењето одлуки и комуникацијата со Службата за имиграција и царина (ICE).
Мулин дојде на функцијата на местото на Кристи Ноем, која спроведуваше строги мерки против имиграцијата. Трамп ја смени затоа што, според наводите, му здодеал „постојаниот хаос“ што ја следел, како и негативното медиумско известување.
