Русија изврши масовен ракетен напад врз Киев: Погоден трговски центар, има повредени

Во нападот со балистички ракети биле повредени три лица, од кои едно е во тешка состојба. Погодена била и зграда во индустриска зона во градската населба Десњански.

Русија доцна синоќа, на 25 ноември, изврши масовен напад со балистички ракети врз Украина, при што во Киев бил погоден трговски центар, соопштија украинските власти. Ова е последниот во низата руски воздушни напади врз украинските градови, кои продолжуваат со приближувањето на зимата, објави „Киев индепендент“.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека во нападот биле повредени три лица. Две од нив биле пренесени во болница, а едно е во тешка состојба.

Воздушни тревоги во Киев и поголемиот дел од Украина

Кличко потврди и дека во нападот била погодена зграда во индустриска зона во градската населба Десњански. Сирените за воздушна опасност се огласиле во главниот град и во поголемиот дел од земјата околу 22:46 часот по локално време, поради опасност од руски балистички ракети. Руските напади врз украинските градови се речиси секојдневни. Во ноќта кон 25 ноември, во напад врз округот Била Церква во Киевската област загинало едно лице, а биле оштетени деловни објекти, потврди гувернерот Тимур Ткаченко.


Еден ден претходно, доцна навечер на 24 ноември, во напад врз Одеската област загинале две лица, меѓу кои и тинејџер, а едно лице било повредено. Истиот ден, во Киев две лица биле повредени во напад врз дворот на станбена зграда.

е-Трн да боцка во твојот инбокс