Правилното складирање на овошјето и зеленчукот е клучно за да останат свежи подолго време. Сепак, многу луѓе несвесно прават грешки кои го забрзуваат нивното зреење и расипување, што резултира со непотребно фрлање храна.
Една од најчестите грешки е чувањето на зеленчукот во затворени пластични кеси. На овошјето и зеленчукот им е потребна циркулација на воздух за да ја задржат свежината. Затоа е подобро да се користат мрежести кеси или пластични кеси со мали отвори кои овозможуваат проветрување.
Друга грешка е заедничкото складирање на овошје и зеленчук. Одредени видови овошје испуштаат етилен – природен гас кој го забрзува зреењето. Кога се наоѓаат во близина на чувствителни намирници, тие може побрзо да омекнат и да се расипат. Поради тоа се препорачува овошјето и зеленчукот да се чуваат одделно.
Многумина ги мијат намирниците веднаш по купувањето, но и тоа може да ја намали нивната трајност. Влагата создава услови за развој на бактерии и мувла, што го забрзува расипувањето. Најдобро е овошјето и зеленчукот да се мијат непосредно пред консумирање или подготовка на оброк.
Со неколку едноставни навики може значително да се продолжи свежината на намирниците, да се намали отпадот од храна и да се заштеди во домашниот буџет.