Дојави за бомба испратени до неколку телевизиски станици низ Европа

Предупредувањата уследија по серија лажни закани за бомби што ги прекинаа патничките летови од Србија и Финска до Шпанија и пошироко

До телевизиските станици низ цела Европа беа испратени закани за бомби со предупредување дека „часовникот отчукува“, што доведе до евакуации и прекини на програмата.

Предупредувања се испратени до ирскиот јавен радиодифузер РТЕ, британскиот Скај, бугарската приватна станица Нова ТВ и други, соопштија компаниите.

Лажни дојави

На ниту една од погодените локации не е пронајдена бомба.

Предупредувањата уследија по серија лажни закани за бомби што ги прекинаа патничките летови од Србија и Финска до Шпанија и пошироко во последните денови, предизвикувајќи пренасочувања на летови, принудни слетувања и безбедносни проверки, иако досега не се пронајдени експлозиви.

Предупредувањата доаѓаат и во време на растечка вознемиреност поради хакерските измами во последните недели, вклучувајќи ги и сајбер нападите врз малопродажните синџири.

„Сакаме целиот свет да чуе за нас, затоа еден од нашите оперативци постави експлозивна направа во вашата зграда“, пишуваше во еден од е-пораките што ги добија Нова и РТЕ во петокот. „Ќе детонира за 45 минути. Часовникот отчукува.“

„Порака до Западот“

Засега не е познато кој стои зад лажните извештаи.

Имејлите испратени до РТЕ и Нова беа потпишани со името Михаил Андропов, со порака во која се наведува дека авторот е еден од водачите на групата одговорна за лажните дојави за бомби во авионите оваа недела.

„Но, ова е само почеток. Она што се случи оваа недела е само мал дел од она што ја очекува Европа во блиска иднина“, се додава во пораката.

Наводниот автор го дели презимето Јуриј Андропов, поранешен генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз. Насловот на е-поштата „ПОРАКА ДО ЗАПАДОТ“ алудира на насловот од биографијата на Андропов „Нов предизвик за Западот“.

Не е јасно дали ова е знак за руска вмешаност или обид да се префрли вината на Москва.


Ирскиот премиер Михаел Мартин изјави дека безбедносните агенции во Европа сè уште не утврдиле дали заканите за воздушниот сообраќај и медиумските организации потекнуваат од поединци или се дел од координиран напад.

е-Трн да боцка во твојот инбокс