Со Доротеј Нешовски низ изложбата: Публиката ќе создава мапи

„Тела во трансформација и експериментални мапирања – Булевари“ ги поврзува уметноста, просторот и секојдневното искуство преку движење и активно учество на посетителите.

Публиката ќе може да ги истражува делата заедно со уметникот и да создава сопствени мапи на средбата и отворањето на изложбата на Доротеј Нешовски, „Тела во трансформација и експериментални мапирања – Булевари“, во Францускиот институт во Скопје.

Средбата е замислена како интерактивно истражување. Посетителите ќе се движат низ просторот со Нешовски, ќе ги откриваат делата и ќе одговараат на прашања, станувајќи активни учесници во уметничкото доживување.

Преку набљудување и заедничка работа, програмата отвора можност за поинакво поврзување на уметноста со просторот и со секојдневното искуство.

Изложбата на Доротеј Нешовски го отвора разговорот за јавниот простор

Нешовски неодамна се вратил од уметничка резиденција во „Сите ентернасионал дез ар“ во Париз. Во својата работа ги истражува односите меѓу уметноста, јавниот простор и публиката, со посебен интерес за мапирањето и практиките што ги вклучуваат посетителите во создавањето.

Разговорот со него ќе го води Изабела Левенска Миљаниќ, кураторка на изложбата и основачка на иницијативата „Музеј на јавна уметност“ (Museum of Public Art). Иницијативата е посветена на мапирањето на јавниот простор и скулптурното наследство во градот.

Бројот на места за средбата е ограничен, а организаторите повикуваат заинтересираните однапред да резервираат место.


Резервации: Формулар за пријавување

е-Трн да боцка во твојот инбокс