Советниците на Трамп стравуваат дека војната во Иран им ги руши изборните шанси

„Волстрит журнал“ пишува дека по пет месеци војна, Трамп сè повеќе се навраќа кон идеја за поголема воена кампања.
Фото: Flickr/Gage Skidmore

Американскиот претседател Доналд Трамп е сè пофрустриран од војната со Иран, која влегува во петтиот месец, а негови советници стравуваат дека продолжувањето на конфликтот може да ги чини републиканците на претстојните избори за Конгресот, пишува „Волстрит журнал“, повикувајќи се на извори запознаени со случувањата.

Трамп станува сè понетрпелив околу војната со Иран. Според „Волстрит журнал“, тој сè помалку верува дека преговорите можат да донесат траен мир. Извори запознаени со случувањата велат дека сега смета дека Иран разбира единствено употреба на сила.

Американската администрација подготвува дополнителни воени опции. САД веќе испраќаат нови сили, медицински персонал и вооружување на Блискиот Исток.

Дел од внатрешниот круг на Трамп предупредува дека продолжувањето на конфликтот може да ја намали јавната поддршка. Тоа би можело да им наштети на републиканците на претстојните избори за Конгресот. „Волстрит журнал“ пишува дека војната веќе го обележува вториот мандат на претседателот.

Белата куќа соопшти дека Иран го прекршил меморандумот склучен со САД, нападнал комерцијални бродови и убил американски војници. Трамп, се вели во соопштението, „нема да стои настрана и да дозволи такво однесување“. Претседателот и натаму инсистира дека Иран не смее да дојде до нуклеарно оружје.

Војната предизвикала тензии меѓу Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Според „Волстрит журнал“, конфликтот внесол поделби и меѓу поддржувачите на американскиот претседател. Блиски соработници велат дека Трамп сè повеќе се навраќа кон идејата за засилена воена кампања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс