Американската ковачница на пари ќе започне со производство на пригодна монета од еден долар со ликот на американскиот претседател Доналд Трамп. Монетата е дел од одбележувањето на 250-годишнината од независноста на Соединетите Американски Држави, соопшти министерот за финансии Скот Бесент.
На предната страна од монетата, покрај портретот на Трамп, ќе бидат испишани натписите „Liberty“, „In God We Trust“ и годините „1776–2026“. На задната страна е прикажан белоглав орел, инспириран од претседателскиот печат на САД.
Новиот изглед се разликува од претходниот предлог, во кој на задната страна беше прикажан Трамп со крената тупаница и слоганот „Fight, Fight, Fight“, како алузија на обидот за атентат врз него во 2024 година.
Трамп изјави дека му претставува голема чест што неговиот лик ќе се најде на пригодната монета, оценувајќи дека станува збор за ретка практика.
Сепак, одлуката отвори правна дебата. Критичарите потсетуваат дека американски закон и прописите поврзани со пригодните монети предвидуваат на нив да не биде прикажана жива личност. Од друга страна, министерот Бесент тврди дека постојат историски преседани, посочувајќи ја пригодната монета по повод 150-годишнината од САД, на која бил прикажан тогашниот претседател Калвин Кулиџ.