Една жена го загуби животот, а 40 лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа што утрово се случила во турската провинција Кирикале, кога патнички автобус излетал од патот и се превртел.
Според турската новинска агенција „Анадолија“, автобусот на компанијата „Суха Туризм“ сообраќал на релација од Текирдаг кон Кајсери. Несреќата се случила во близина на Државната болница во Каракечили, на патниот правец Каман–Анкара, откако возачот изгубил контрола над возилото.
По пријавата за несреќата, на местото веднаш биле испратени екипи на Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (AFAD), пожарникари, медицински тимови, жандармерија и полиција, кои учествувале во извлекувањето и згрижувањето на патниците.
Во несреќата биле повредени вкупно 41 лице, а тројца од нив се здобиле со тешки повреди. Една од повредените патнички, Текмиле Атасој, им подлегнала на повредите откако била пренесена во болница.
Гувернерот на Кирикале, Хусеин Енгин Сарибрахим, изјави дека првичните информации укажуваат дека несреќата била предизвикана од лизгав коловоз.
„Повредените беа пренесени во болниците, а тројца од нив се во тешка состојба. Патот бил лизгав поради утринскиот мраз, што најверојатно е причината за несреќата“, изјави гувернерот.
Тој им посака брзо закрепнување на повредените и потврди дека возачот на автобусот е приведен, додека надлежните служби спроведуваат истрага за да ги утврдат сите околности што довеле до трагедијата.