Трагедија во Централ парк: Њујорк размислува за забрана на туристичките кочии со коњи

По смртта на 18-годишен турист во несреќа со кочија во Централ парк, властите во Њујорк повторно ја отворија дебатата за целосна забрана на туристичките кочии со коњи.

Смртта на 18-годишен турист во несреќа со коњска кочија во Централ парк повторно ја разгоре дебатата за иднината на една од најпознатите туристички атракции во Њујорк. Младиот Романч Махајан загинал откако скокнал од кочија што останала без контрола и се движела низ паркот без возач. Според американските медиуми, ова е првиот смртен случај поврзан со коњски кочии во Централ парк во повеќе од 150 години нивно функционирање. По трагедијата, организацијата што управува со паркот побара привремено запирање на туристичките возења додека не се воведат дополнителни безбедносни мерки. Од таму посочуваат дека ова е осми инцидент поврзан со коњи во последните 13 месеци.

Активистите за заштита на животните со години предупредуваат дека коњите се изложени на стрес и опасности во густо урбано опкружување. Тие сметаат дека трагедијата е уште еден доказ дека кочиите повеќе не се безбедна туристичка понуда. Од друга страна, сопствениците и возачите на кочиите се против целосна забрана. Тие тврдат дека станува збор за изолиран инцидент и бараат подобрување на безбедносните правила наместо укинување на традицијата која обезбедува работа за стотици луѓе.

Според првичните информации, несреќата се случила кога возачот накратко ја напуштил кочијата за да ги фотографира патниците. Во тој момент коњот се исплашил и почнал неконтролирано да се движи низ паркот. При обид да ѝ помогне на мајка си, која паднала од кочијата, младиот турист скокнал и притоа се здобил со фатални повреди.

Градските власти најавија брза реакција. Претседателката на Градскиот совет на Њујорк, Џули Менин, веќе побара разгледување на закон со кој би се забраниле коњските кочии и би се обезбедила поддршка за работниците погодени од ваквата одлука. И градоначалникот на Њујорк, ја поддржа идејата за постепено укинување на кочиите, истакнувајќи дека градот треба да обезбеди фер транзиција за вработените, но и трајно решение за безбедносните ризици.

Дебатата околу коњските кочии во Централ парк трае со децении, но трагичната смрт на младиот турист повторно го стави прашањето во центарот на вниманието на американската јавност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс