Тиват денес е центар на европската иднина на Западен Балкан

Лидерите од Западен Балкан и високите претставници на ЕУ денес се среќаваат во Тиват, каде во фокусот се проширувањето, Планот за раст и безбедносните предизвици во регионот.
Foto: X

Тиват денеска е домаќин на Самитот ЕУ-Западен Балкан, на кој лидерите од регионот и високите претставници на Европската Унија ќе разговараат за проширувањето, Планот за раст и безбедносните предизвици во новата геополитичка реалност.

Самитот се одржува под слоганот „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, а во фокусот е европската перспектива на шесте земји од регионот. Се очекува Брисел уште еднаш да ја потврди поддршката за интеграцијата на Западен Балкан, но и да побара посилна усогласеност со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на Унијата.

На состанокот ќе присуствуваат лидерите од регионот, како и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас и претседателката на Европскиот парламент Роберта Метсола. Со Самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој оваа недела беше во посета на земјите од Западен Балкан.

Од македонската влада беше потврдено дека на Самитот ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски. За Македонија, средбата доаѓа во период кога европската интеграција повторно се поставува како едно од клучните политички прашања, но и како дел од пошироката регионална дебата за тоа како да се забрза процесот на приближување кон ЕУ.

Во пресрет на Самитот, Германија и Франција подготвија нон-пејпер со наслов „Нов моментум за проширувањето“. Документот се однесува на земјите од Западен Балкан и на Молдавија и треба да послужи како основа за разговорите во Црна Гора.

Според најавите, новиот пристап треба да понуди побрз, повидлив и поопиплив напредок за земјите кандидати. Намерата, како што се наведува, не е да се замени полноправното членство, ниту да се продолжи патот до него, туку да се создадат дополнителни поттикнувања за земјите што напредуваат во реформите.

Самитот во Тиват доаѓа во момент кога Европската Унија се обидува да ја врати довербата во процесот на проширување, а регионот очекува повеќе конкретни чекори, не само политички пораки. На маса ќе бидат и Планот за раст, економската соработка, безбедноста и прашањето како Западен Балкан да стане поцврсто поврзан со европските политики пред формалното членство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс