ТИТАН Усје: Барањето за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола е подготвено и поднесено согласно сите закони

Од ТИТАН Усје велат дека барањето за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола е поднесено во целосна согласност со важечката законска регулатива

Свесни сме дека прашањата поврзани со животната средина се од особено значење за граѓаните и веруваме дека отворениот дијалог и транспарентноста се неопходни секогаш кога се разговара за теми од јавен интерес, соопштуваат од компанијата ТИТАН Усје

Оттаму велат дека Барањето на ТИТАН Усје за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола е подготвено и поднесено во целосна согласност со важечката законска и подзаконска регулатива.

„Во текот на целиот процес компанијата навремено, транспарентно и одговорно ги спроведува сите предвидени активности и ги доставува сите потребни информации до надлежните институции. Согласно пропишаната постапка, апликацијата ја опишува моменталната состојба на работењето и параметрите под кои компанијата работи денес.

Особено важно е да се нагласи дека сите редовни и контролни мерења спроведени од ДИЖС и други надворешни акредитирани лаборатории, потврдуваат усогласеност со пропишаните еколошки стандарди. Дополнително, кај одредени параметри, како што се емисиите на SO₂ и прашина, измерените вредности континуирано се повеќекратно пониски од законски дозволените граници. Овие резултати се потврда за нашата посветеност на одговорно управување со влијанијата врз животната средина и на постојано унапредување на нашите процеси“ се вели во соопштението.

Од компанијата велат и дека ТИТАН Усје ќе продолжи доследно да ги почитува сите важечки законски обврски и навремено ќе ги применува сите идни барања и ограничувања што ќе бидат пропишани од надлежните институции.

„Во сите земји каде што работи, Групацијата ТИТАН пред сè се води од националното законодавство и регулативата што е во сила. Истовремено, континуирано инвестира во технологии и најдобри практики што придонесуваат за поодржливо работење. Во Европската Унија, на пример, употребата на алтернативни горива е препознаена и поттикната како решение што придонесува за намалување на вкупните емисии и поддршка на транзицијата кон нискојаглеродна економија. Таквиот пристап веќе е широко применет во бројни цементарници, вклучително и во фабриките на ТИТАН во Грција и Западна Европа каде што стапката на примена на алтернативни горива е над 39%.

Покрај исполнувањето на законските обврски, Групацијата ТИТАН има јасна определба за одржливост и одговорен однос кон животната средина. Преку континуирани инвестиции во современи технологии, унапредување на процесите и примена на најдобрите достапни индустриски практики, настојуваме постојано да го намалуваме нашето влијание врз животната средина и да ги подобруваме нашите перформанси. ТИТАН Усје го следи истиот пристап, со цел да работи одговорно и истовремено да придонесува кон долгорочниот развој на заедницата“ соопштуваат од компанијата.

Го разбираме интересот што кај јавноста ја предизвикуваат прашањата поврзани со животната средина. Затоа остануваме отворени за конструктивен дијалог со сите засегнати страни и ги охрабруваме разговорите што се темелат на факти, транспарентност, меѓусебно почитување и точни информации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс