„Правиме промаја“ – Почнува јубилејната петта конференција „Наука за деца“

Денеска со почеток во 18.30 часот, свечено беше отворена петтата, јубилејна конференција „Наука за деца“, во организација на Фондацијата „Кантарот“.

Денеска со почеток во 18.30 часот, свечено беше отворена петтата, јубилејна конференција „Наука за деца“, во организација на Фондацијата „Кантарот“.

Овогодинешното издание, што се одржува на 6 и 7 ноември е посветено на македонската наука, нејзините достигнувања и потенцијалот што го носат домашните научници, истражувачи и млади таленти. Под мотото „Правиме ПРОстор за МАкедонска идеЈА“ или скратено „Правиме промаја“, конференцијата има амбиција да ги доближи научните приказни до децата, да ги инспирира да истражуваат и да им покаже дека големите научни идеи може да потекнат и од Македонија.

Посебен акцент на свеченото отворање беше ставен на предавањата на стипендистите што своите истражувања ги развиваат во соработка со реномирани македонски научници. Нивни ментори се истакнати научници со меѓународна кариера: проф. Светлана Мојсов, проф. Панче Наумов, проф. Петар Поповски и проф. Христијан Ѓорески.

Во рамките на свеченоста беа доделени и две значајни признанија; наградата „Иван Ќостаров“ за извонреден научен потенцијал и наградата „Колега Стиков“ за најдобар млад презентер. Со нив се препознаваат и поттикнуваат љубопитноста, посветеноста, истражувачкиот дух и способноста на младите да ги споделуваат своите идеи.

Вториот ден од конференцијата, сабота, 7 ноември, ќе биде посветен на научни активности и интерактивни работилници за децата, со можност преку практично искуство, истражување и креативност да ја доживеат науката на поинаков начин.

„Нашата цел не е само да им ја доближиме науката на децата, туку да им помогнеме да се препознаат себеси како нејзини идни создавачи. Македонија има извонредни научници, поединци што работат на врвни истражувања и постигнуваат резултати на светско ниво. Сакаме нивните приказни да станат видливи и овде, дома, и да покажеме дека научната кариера не е нешто далечно или недостижно. Кога на едно дете ќе му дадете можност, поддршка и вистински ментор, ќе го поттикнете на критичко размислување и поттикнување на љубопитноста како основа за учење и напредок,можете да му отворите сосема нов свет“, истакнува Никола Стиков, коосновач на Фондацијата „Кантарот“.

Особено важна е и заложбата за вклучување на децата од руралните средини, преку научните каравани и активности со кои науката се носи директно во училиштата, но и преку обезбедување можности овие деца да учествуваат на настани како конференцијата во Скопје.


Петтата конференција „Наука за деца“ е уште една потврда дека вложувањето во знаење, младите таленти и научната мисла е вложување во иднината на целото општество. Зашто, можеби следната голема македонска научна идеја веќе постои, потребно е само да ѝ дадеме фронт да се развие.

е-Трн да боцка во твојот инбокс