Ноќно трчање низ скопскиот асфалт: Првото издание на „Centar Night Run“, ноќна урбана трка низ Дебар Маало

Повеќе од 500 натпреварувачи од земјава и странство ќе трчаат низ централното градско јадро со посебен сообраќаен режим
Screenshot

Скопското Дебар Маало и централните градски улици утревечер стануваат сцена за првото издание на трката Centar Night Run. Настанот нуди две патеки, од пет километри и полумаратон од 21 километар, со старт закажан во 17:00 и 18:00 часот. Покрај домашните тркачи од 18 градови, на патеката ќе се појават и натпреварувачи од осум европски држави, а организаторите најавуваат привремен сообраќаен режим и ослободување на јавниот простор за пешаците и спортистите.

Утре, сабота, 7 ноември 2026 година, ќе се одржи првото издание на CENTAR NIGHT RUN – нов урбан спортски настан кој за првпат ги поврзува најпрепознатливите улици и простори на Општина Центар во едно уникатно тркачко доживување. Со две дистанци – 5 километри и полумаратон од 21 километар, трката ќе ги собере тркачите и љубителите на спортот во Дебар Маало и низ улиците на Центар.

Пријавени се учесници од Скопје, Тетово, Пробиштип, Куманово, Кочани, Прилеп, Штип, Охрид, Кавадарци, Валандово, Гевгелија, Ресен, Македонски Брод, Струга, Берово, Крушево, Велес и Демир Хисар. Трката привлекува и меѓународни учесници, со пријавени тркачи од Босна и Херцеговина, Косово, Чешка, Германија, Словачка, Русија, Турција и Италија.

Со две дистанци, CENTAR NIGHT RUN е наменет и за рекреативците кои сакаат да бидат дел од новото градско искуство и за поискусните тркачи подготвени за поголем предизвик.

Полумаратонот на 21 километар започнува во 17:00 часот, а трката на 5 километри во 18:00 часот. Загревањето за учесниците на 21К е закажано за 16:45 часот, а за учесниците на 5К за 17:45 часот. Прогласувањето на победниците ќе се одржи во 19:45 часот.

Патеката ги поврзува Дебар Маало, улиците „Орце Николов“ и „Франклин Рузвелт“, булеварот „Илинден“, западната страна на булеварот „Св. Климент Охридски“, како и улиците „Наум Наумовски Борче“ и „Михаил Цоков“. Учесниците на трката на 5 километри ќе трчаат еден круг, а полумаратонците четири круга.

Подигнувањето на стартните пакети за сите пријавени учесници ќе се одвива утре од 10:00 до 16:00 часот, на скверот пред Општина Центар во Дебар Маало, кај спомен-клупата на Горан Стефановски. Организаторите ги повикуваат учесниците навреме да ги подигнат пакетите и да пристигнат пред почетокот на својата трка.

За најдобрите учесници е обезбеден вкупен награден фонд од 144.000 денари, со еднакви парични награди во машка и женска конкуренција на двете дистанци. На полумаратонот, наградите изнесуваат 20.000 денари за прво место, 15.000 денари за второ и 10.000 денари за трето место, додека на трката на 5 километри се предвидени 12.000 денари за прво место, 9.000 денари за второ и 6.000 денари за трето место. Наведените износи се доделуваат одделно во машка и во женска конкуренција.

Во периодот на одржување на трките, сообраќајот во реонот на патеката ќе се одвива со ограничувања. Организаторите апелираат до граѓаните за разбирање и ги повикуваат возачите да користат алтернативни сообраќајни правци и да ги следат насоките на надлежните служби.

Се повикуваат сите граѓани навреме да ги преместат своите возила од паркингот пред Општина Центар и од големиот паркинг пред вулканизерот во сабота, 7 ноември, за да се овозможи непречена подготовка и реализација на настанот. 

CENTAR NIGHT RUN ги повикува граѓаните да бидат дел од атмосферата покрај патеката, да ги бодрат учесниците и да придонесат за првото издание на оваа урбана спортска приказна.


Настанот е во организација на Прв до Врв, со поддршка на Општина Центар, со амбиција да прерасне во нова препознатлива спортска и урбана традиција на Центар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс