Квир родителство, филм и разговор за слободата на жените утре на „Прво па женско“

Во рамките на есенското издание на фестивалот „Прво па женско“ 14, утре, 7 ноември, во „Лабораториум“ во Скопје ќе се одржи програма посветена на квир родителството, семејните односи, мајчинството и правото на личен избор.

Програмата, која започнува во 15 часот, вклучува интерактивен разговор, филмска проекција и дискусија за слободата на квир жените. Влезот е слободен.

Фестивалот годинава се одржува под темата „Мајчинствување“, отворајќи прашања за различните искуства на мајчинството, грижата и општествените очекувања од жените.

Како изгледа семејството надвор од традиционалните рамки?

Програмата започнува во 15 часот, во кино-салата на „Лабораториум“, со разговорот „Ова сме ние“, посветен на квир родителството, кој ќе го води Бистра Кумбароска.

Преку интерактивна дискусија со домашни и меѓународни гости ќе се разговара за различните облици на семејство, родителските искуства и предизвиците со кои се соочуваат квир родителите во различни општествени и културни средини.

Повод за разговорот е и најавата на новата книга на Кумбароска, „A Queer Big Thing Called Family“, која наскоро ќе биде објавена во издание на PrivatePrint. Книгата обединува поезија, текстови, фотографии и визуелни материјали од авторката и поканети соработници, претставувајќи искуства и семејни приказни што ретко добиваат простор во јавноста.

За учество на разговорот е потребна претходна пријава преку линкот на инстаграм-профилот на Тиииит! Инк.

„Љуби ме нежно“ – борба за мајчинството и правото на слобода

Во 17:30 часот, во главната сала, ќе биде прикажан филмот „Љуби ме нежно“ (Love Me Tender, 2025), во режија на Ана Казнав Камбе, снимен според истоимениот автофикциски роман на француската писателка Констанс Дебре.

Филмот ја раскажува приказната за Клеменс, поранешна адвокатка која започнува нов живот како писателка. Откако му открива на поранешниот сопруг дека има љубовни врски со жени, тој започнува постапка за одземање на старателството над нивниот син.

Следува повеќегодишна правна и лична борба во која Клеменс се обидува да го зачува односот со своето дете, но и правото самостојно да одлучува за сопствениот живот.

Преку нејзината приказна, филмот ги преиспитува општествените претстави за тоа каква треба да биде една мајка и дали нејзиниот приватен живот може да стане причина за оспорување на родителските права.

Колкава е цената на слободата за квир жените?

По филмската проекција, во 19:45 часот, ќе се одржи дискусијата „Цената на слободата за квир жените: непослушни мајки, невозможни љубови“.

Во разговорот ќе учествуваат Грација Атанасовска, Благица Јовчевска и Душица Лазова, кои ќе ги разгледаат темите за квир љубовта, родителството, општествените притисоци и правото на лична автономија.

Дискусијата ќе го отвори и прашањето зошто од жените често се очекува мајчинството да го стават пред сопствените потреби и избори, како и дали грижата за семејството мора да подразбира откажување од личната слобода.

Настаните се дел од четиринаесеттото издание на „Прво па женско“, во организација на Тиииит! Инк.

Фестивалот е поддржан преку проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го спроведува Heartefact Fund, а финансиска поддршка обезбедуваат и Шведска, Kvinna till Kvinna, Equality Fund и Global Fund for Women.


Програмата ќе се одржи во сабота, 7 ноември, во „Лабораториум“ во Скопје, со почеток во 15 часот. Влезот за сите настани е слободен, а за првиот разговор е потребна претходна пријава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс