Винарската визба „Тиквеш“ ја одржа традиционалната годишна средба со своите кооперанти, посветена на развојот на одржливото лозарство и примената на современи технологии во производството на грозје.
На средбата присуствуваа речиси 100 лозари од тиквешкиот регион, со кои беа споделени искуства за новите пристапи во управувањето со лозовите насади, користењето научни анализи, дигитални алатки и методи на прецизно лозарство.

Претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, истакна дека одржливото лозарство е еден од клучните предуслови за идниот развој и конкурентноста на македонската винска индустрија.
„Производството на секое врвно вино започнува во лозјето. Без континуирано инвестирање во знаење, современи технологии и партнерство меѓу производителите на вино и лозарите, не можеме да обезбедиме долгорочен развој“, порача Јаневски.

Во рамки на средбата се разговараше за значењето на користењето податоци и прецизни анализи при носењето одлуки во лозовите насади. Посебен акцент беше ставен на современите техники за ѓубрење, управување со лисната маса, заштита од болести и штетници, како и оптимизирање на наводнувањето.
Според Александра Ристова, раководителка на Одделот за управување со лозови насади во ВВ „Тиквеш“, современото лозарство бара спојување на традиционалното искуство со новите научни сознанија и технологии.
„Климатските промени веќе се реалност со која лозарите се соочуваат секоја сезона. Затоа се потпираме на мерења, податоци и технологии кои овозможуваат попрецизно управување со насадите, намалување на потрошувачката на ресурси и зачувување на природната средина“, истакна Ристова.
„Тиквеш“ во рамки на својата стратегија продолжува со стручната поддршка за лозарите преку теренски посети, анализи на почвата, советодавни активности и следење на состојбата на лозовите насади. Во текот на една година компанијата реализира над 150 теренски посети и повеќе од 1000 стручни опсервации.
Преку вложувања во знаење, технологии и партнерски однос со лозарите, винарницата продолжува да работи на подобрување на квалитетот на грозјето, зачувување на природните ресурси и развој на поодржливо производство.