Бурни реакции од родителите на загинатите го одбележаа денешното судење за пожарот во „Пулс“ во судницата во Идризово. Дел од нив ја напуштија просторијата, а првообвинетиот Дејан Јованов се пожали дека му се слоши и излезе со полициска придружба.
Реакциите почнаа при сослушувањето на градежниот вештак Петре Русески, ангажиран од одбраната. Тој кажа дека зафатите во објектот претставувале ентериерно уредување и занаетчиски работи од лесен обем, а не реконструкција.
Родителите реагираа со дофрлувања. Адвокатката Ивана Коцевска побара јавноста да не го попречува сослушувањето, по што тие возвратија дека се оштетени кои ги изгубиле своите деца.
Јованов се сврте кон родителите, а тие станаа и се вознемирија. Судијката Дијана Груевска-Илиевска побара да излезат надвор, објаснувајќи дека судењето може да продолжи без нив, но не и без обвинетите.
„Без нас можете судијке, ама ние без нашите деца не можеме“, кажа низ солзи татко на загинато момче и ја напушти судницата.
Сослушувањето продолжи со прашања за проектот за ентериерното уредување. Потоа Јованов се пожали дека му се слоши и со полициска придружба излезе на воздух.