Европската комисија одлучи да ја казни кинеската онлајн продавница „Тему“ со 200 милиони евра, врз основа на Актот за дигитални услуги, поради тоа што платформата, според Комисијата, не презела доволно мерки за да спречи продажба на нелегални производи.
Според Актот за дигитални услуги, многу големите онлајн платформи имаат обврска внимателно да ги проценат системските ризици поврзани со нивните услуги и да преземат соодветни мерки за нивно намалување. Неспроведувањето соодветна проценка на ризик се смета за особено сериозно прекршување на правилата.
Комисијата наведува дека „Тему“ не успеал внимателно да ги идентификува, анализира и процени системските ризици поврзани со нелегалните производи што се нудат на платформата, со што се нанесува штета на потрошувачите во Европската Унија.
„Доказите со кои располага Комисијата укажуваат дека потрошувачите во ЕУ многу веројатно ќе наидат на нелегални производи на ‘Тему’“, наведува извршното тело на Унијата.
Според Комисијата, проценката на ризикот што „Тему“ ја доставил за 2024 година не ги исполнува стандардите предвидени со Актот за дигитални услуги. Платформата, како што се наведува, сериозно го потценила ризикот колку често потрошувачите во ЕУ можат да наидат на нелегални производи.
Тајно купување открило небезбедни производи
Во рамки на постапката, Комисијата ангажирала независна организација за тестирање, која тајно купувала производи преку „Тему“.
Резултатите покажале дека многу висок процент од избраните полначи не ги поминале основните безбедносни тестови. Исто така, висок процент од тестираните детски играчки претставувале безбедносен ризик, бидејќи содржеле хемикалии над дозволените законски граници или имале делови што можат да се одвојат и да предизвикаат опасност од задушување.
„Тему“ сега има рок до 28 август 2026 година да ѝ достави на Европската комисија акциски план, како што е предвидено со член 75 од Актот за дигитални услуги.
Планот треба да содржи конкретни мерки за отстранување на прекршувањата поврзани со проценката на ризик.
Потоа, Одборот за дигитални услуги ќе има еден месец да даде свое мислење, а Комисијата ќе има уште еден месец за да донесе конечна одлука и да утврди разумен рок за спроведување на мерките.
Доколку „Тему“ не ја почитува одлуката за усогласување, може да се соочи со дополнителни периодични казни, покрај веќе изречената казна од 200 милиони евра.