Иднината на сливот на Вардар не зависи од една институција или од декларативни заложби за заштита на водните ресурси, туку од заеднички и координиран ангажман на јавниот сектор, земјоделството, стопанството, науката, граѓанските организации и општините, но и од прекуграничната соработка. Успешната подготовка и имплементација на првиот План за управување со сливот на Вардар е централна тема на второто издание на годишната конференција „Денови на Вардар“, која од 25 до 27 ноември се одржува во Скопје.
Говорниците ја потенцираа важноста на сливот на Вардар, како најголем воден ресурс во државата, за благосостојбата на граѓаните, економскиот развој, земјоделското производство, зачувувањето на еко-системите и отпорноста на климатските промени.

„Мора да бидеме свесни дека добар план сам по себе не ги решава проблемите. Вистинскиот резултат ќе го видиме дури кога планираните мерки ќе станат реалност. За тоа нѝ се потребни посилни институционални капацитети, одржливо финансирање и јасна одговорност. Управувањето со водите не може да биде задача само една институција, ниту пак е доволно секој ресор да ги исполнува само сопствените обврски. Мора да работиме кон една заедничка цел“, порача министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство потенцираа дека земјоделскиот сектор зависи од расположливоста и квалитетот на водата, но во исто време има и одговорност за заштита на водните ресурси.
„Планот за управување со сливот на Вардар треба да обезбеди усогласување на потребите на земјоделското производство со целите за заштита и подобрување на состојбата на водите. Истовремено, предвидените мерки треба да бидат интегрирани во секторските политики, програмите и идните инвестиции во земјоделството и руралниот развој“, рече Надица Џерковска, државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Планот за управување со сливот на Вардар се подготвува во согласност со Рамковната директива за води на Европската Унија, а процесот е поддржан од Швајцарската Програма за управување, користење и заштита на води, која е и организатор на настанот „Денови на Вардар“.
„Водата е заеднички ресурс, па и одговорноста за нејзино управување, користење и заштита треба да биде заедничка. Успехот на овие активности зависи од континуираниот ангажман на сите партнери. Затоа, ги охрабрувам сите да ги искористат воспоставената соработка и постигнатиот напредок, и активно да придонесат за спроведување на Планот за управување со сливот на реката Вардар во пракса и за воспоставување нов систем за управување со водите“, потенцираше Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија.

Од Делегацијата на Европската Унија потенцираа дека ЕУ досега има обезбедено 218 милиони евра во секторот животна средина и дека ќе продолжат со поддршка на напорите за зачувување чисти водни ресурси.
„Чистата вода има суштинско значење не само за луѓето и природата, туку и за регулирање на климата. Сливот на реката Вардар опфаќа околу 80 отсто од вкупните водни ресурси во Северна Македонија, а скопскиот регион е најголем загадувач на оваа река. Изработката на План за управување со сливот на реката Вардар, заедно со завршувањето на колекторскиот систем во Скопје и изградбата на пречистителната станица за отпадни води, кои се кофинансирани од ЕУ, играат клучна улога за значително намалување на загадувањето на водите“, истакна Бен Нупнау, заменик шеф на Делегацијата на ЕУ.
Амбасадорите на Грција и на Косово ја потенцираа важност на регионалната соработка како клучен предуслов за ефикасно и одржливо управување и заштита со водите и другите природни ресурси.
„Сите во регионот се соочуваме со исти предизвици. Климатските промени, сè поголемиот притисок врз водните ресурси, екстремните временски појави и растечката потреба за заштита на животната средина бараат од нас заеднички да размислуваме и дејствуваме. Одржливото управување со водите повеќе не е само поврзано со заштита на животната средина, туку многу повеќе од тоа – предуслов за економска отпорност, јавно здравје, безбедност на храната и регионална стабилност“, рече Јоанис Малукос, амбасадор на Грција.

„Природното влевање на Лепенец во Вардар бара прекугранична соработка за да се обезбеди заштита на животната средина во согласност со највисоките европски стандарди. За жал, овие реки се изложени на загадување со отпад од природно и човечко потекло, што често има значително влијае врз квалитетот на водата. Овие негативни последици можат да се надминат само преку силна соработка меѓу надлежните институции во Северна Македонија и Косово“, истакна амбасадорот на Косово, Флориан Ќехаја.
Во рамки на настанот „Денови на Вардар 2026“ ќе се одржат и научен симпозиум за Планот за управување со сливот на Вардар, на кој ќе учествуваат професори и експерти од регионот, како и регионален состанок на млади професионалци од областа на управувањето и заштитата на водите.
